Италија го тестира роботот-водич „Р1“ во музејот Палацо Мадама во Торино, кој со помош на вештачка интелигенција објаснува уметнички дела и помага во насочувањето на посетителите, со цел да се намали метежот и да се овозможи полесен пристап до експонатите.
Роботот „Р1“ може да се движи на тркала со брзина до 1,5 метри во секунда и да дава објаснувања за изложените дела користејќи вградена вештачка интелигенција. Тој им помага на посетителите да се снајдат во тесните ходници на историската зграда, пренесе „Јуроњуз“.
На посетителите им се достапни и дополнителни функции, вклучувајќи мултимедијална и интерактивна содржина за уметничките дела и историскиот контекст, подобра организација на движењето низ просторот, како и помош за лицата со различни потреби при ориентацијата и разгледувањето на музејот.
Инженерите наведуваат дека роботот користи сензори и камери за избегнување пречки и приспособување на рутата во реално време, како и дека може да се „преориентира“ и повторно да го мапира просторот додека се движи.
Од управата на музејот истакнуваат дека роботот треба да биде поддршка за вработените, а не нивна замена, особено во периоди кога бројот на посетители може да порасне и до 30 отсто.
Според првите реакции, повеќе од 80 отсто од корисниците имале позитивно искуство, иако дел од посетителите и понатаму претпочитаат човечки водичи за подетални објаснувања и не се сигурни како да ја користат новата технологија.
Проектот е започнат пред околу шест недели, кон крајот на март, со финансиска поддршка од Европската унија од четири милиони евра преку програмата „Дигитална Европа“.







