Туристите во популарното грчко летувалиште Ханиоти останаа шокирани од морничавата глетка што ја исфрли морето. На самото крајбрежје бил пронајден леш од делфин со видливи, големи угризи кои, според многумина во коментарите, недвосмислено потсетуваат на напад од ајкула.
Овој настан предизвика лавина реакции и ги потсети постарите посетители на слични средби со ајкули во овие води. Снимката беше објавена во Фејсбук групата „Grčka uživo“.

„Фатија ајкула на само 500 метри од брегот“
Еден од посетителите сподели потресно сеќавање од седумдесеттите години на минатиот век, потсетувајќи дека присуството на ајкули во Егејското Море не е новост:
„1978 година на плажа во Аспровалта (имав 12 години), фатија ајкула на само 500 метри од брегот (додуша помала, околу 1,5 – 2 метри). Ја извлекоа на плажа во мрежа. Сите се собравме и гледавме … не беше баш пријатно. Се зборуваше дека пливала зад некој рибарски чамец кој ловел риба (ја чистел директно на бродот, а внатрешноста ја фрлал во море рано наутро). Но таа се задржала таму и чекала секојдневна рутина на рибарите … кои тргнувале на риболов од Ставрос.“

Климатските промени ги менуваат правилата?
Меѓу коментарите се издвојуваат и оние што предупредуваат дека големината на предаторот можеби е многу поголема отколку што се мисли, како и дека се промениле вообичаените модели на однесување на морските животни.
„Ова е голем угриз, не е од локална ајкула туку од некоја од 3 – 4 метри … Чудно е што такви ајкули се појавуваат во септември, но поради климатските промени сè е сменето“, се наведува во еден од коментарите што привлече големо внимание.
Иако нападите од ајкули во Грција се исклучително ретки, оваа глетка од Ханиоти ја подигна внимателноста на повисоко ниво. Локалните власти сè уште официјално не се огласиле за случајот, додека биолозите потсетуваат дека делфините често се мета на големи предатори во отворени води, но нивното појавување вака блиску до брегот секогаш предизвикува оправдана вознемиреност во јавноста.











