Ново откритие во Сончевиот систем: Мало ледено тело зад Нептун има атмосфера

Точка

05/05/2026

15:49

441

Големина на фонт

а а а

Во далечните предели на нашиот Сончев систем, зад најоддалечената планета Нептун, се наоѓаат бројни ледени и пустински небесни тела. Меѓу нив, досега само џуџестата планета Плутон беше позната по тоа што има атмосфера – до сега.

Астрономите идентификуваа уште едно тело од ова подрачје, со дијаметар од околу 500 километри, кое има атмосфера – иако многу тенка – во откритие што сугерира дека некои од овие изолирани објекти може да бидат подинамични отколку што се мислеше досега. Истражувачите сега се обидуваат да утврдат што ја предизвикало оваа појава.

Овие тела се нарекуваат транснептунски објекти, а конкретниот објект се означува како (612533) 2002 XV93. Тој кружи околу Сонцето на приближно иста оддалеченост како Плутон.

Тој е значително помал од двата најголеми транснептунски објекти – Плутон (со дијаметар од 2.370 км) и Ерис (2.326 км), кои се класифицирани како џуџести планети.

Атмосферата на овој објект е околу 5 до 10 милиони пати поретка од густата атмосфера на Земјата, и околу 50 до 100 пати поретка од ретката атмосфера на Плутон. Истражувачите наведуваат дека атмосферата најверојатно е составена од метан, азот или јаглерод-моноксид.

„Откритието сугерира дека некои мали ледени тела во надворешниот Сончев систем можеби не се целосно неактивни или непроменливи, како што претходно се претпоставуваше“, изјави астрономот Ко Аримацу, раководител на Астрономската опсерваторија Ишигакеџима и главен автор на студијата објавена во „Nature Astronomy“.

„Општо се сметаше дека атмосфера не може да постои на толку мал објект“, додаде астрономот и коавтор Јуничии Ватанабе. „Ова покажува дека дури и во далечниот, студен свет постојат динамики што не сме ги замислувале.


Можно објаснување за атмосферата

Истражувачите предложија две можни објаснувања за постоењето на атмосферата.

Првото е дека станува збор за постојана атмосфера, можеби одржувана од криовулканизам, процес при кој гасови излегуваат од внатрешноста преку пукнатини на површината.

„Тоа не би бил вулкан како на Земјата, со растопена карпа, туку ’ладна‘ верзија на ледениот свет што вклучува испарливи гасови и мраз“, објасни Аримацу.

Втората можност е атмосферата да е привремена, создадена по удар од помал објект, при што биле ослободени гасови.

„Ако атмосферата е резултат на удар, таа може да исчезне во наредните години или децении. Ако опстојува или се менува сезонски, тоа би укажувало на континуирано снабдување од внатрешноста“, додаде Аримацу.


Како е направено откритието

Објектот бил проучуван со телескопи од Земјата во Јапонија – во Кјото, Нагано и Фукушима – за време на таканаречена ѕвездена окултација, кога небесно тело поминува пред далечна ѕвезда и привремено ја блокира нејзината светлина. Со анализа на промените во светлината, научниците можат да утврдат физички карактеристики на објектот.

Овој објект се наоѓа во Кајперовиот појас, огромна област зад Нептун, и најверојатно потекнува од раниот период на Сончевиот систем, пред повеќе од 4,5 милијарди години. Се движи по елиптична орбита и му се потребни 247 години за една обиколка околу Сонцето.

Неговиот состав веројатно вклучува воден мраз, карпи и органски соединенија.

Во моментот на набљудување се наоѓал на околу 5,5 милијарди километри од Сонцето, што е околу 37 пати поголемо растојание од она меѓу Земјата и Сонцето (една астрономска единица – АЕ). Просечната оддалеченост изнесува околу 39,6 АЕ.


Името засега останува сложено

Истражувачите признаваат дека сегашното име (612533) 2002 XV93 е тешко за паметење.

„Во нашиот тим го нарекувавме едноставно XV93, што е практично, но не и возбудливо. Би бил многу среќен ако еден ден добие име поврзано со окинавската митологија, како Амикамију, божество-творец во таа традиција. Но, официјалното именување следи процедури на Меѓународната астрономска унија“, изјави Аримацу.