[ВИДЕО] „Ние не сме вест, ние сме луѓе“: Крик на очајни патници заробени на крузерот во Атлантскиот Океан

Макфакс

05/05/2026

19:17

906

Големина на фонт

а а а

Меѓународната јавност е вознемирена од ситуацијата на крузерот на кој избувна епидемија од смртоносен вирус што го шират глодари. Досега, три лица ги загубија животите, додека неколку други се разболеа или се сомнева дека се заразени, пренесуваат светските медиуми.

Во атмосфера на страв и неизвесност, американскиот патник и блогер за патувања Џејк Розмарин објави трогателно видео на социјалните мрежи, упатувајќи драматичен апел за разбирање и поддршка. Како што им кажа на своите следбеници, ситуацијата на бродот е исклучително тешка и воопшто не е апстрактна.

„Ние не сме само вест или наслови од весници. Ние сме луѓе, имаме семејства и животи што нè чекаат“, рече тој видливо потресен.


Бродот, долг околу 108 метри, отплови од Ушуаја, Аргентина, до островите Зелен ’Рт, превезувајќи 149 патници од 23 различни земји. Кризата започна на 11 април, кога 70-годишен патник од Холандија почина под необјаснети околности. Две недели подоцна, неговата сопруга (69) се разболе за време на процесот на репатријација и исто така почина.

Во истиот период, 69-годишен патник од Велика Британија разви тешки симптоми и беше итно префрлен во Јужноафриканската Република, каде што е во критична, но стабилна состојба. Кај него беше потврдено присуство на хантавирус. На 2 мај беше регистриран трет смртен случај – почина патник од Германија, според написите.

Покрај патниците, двајца членови на екипажот – од британска и холандска националност – покажуваат симптоми на акутни респираторни проблеми, од кои едниот е сериозен и бара итна медицинска интервенција.

Бродот е закотвен пред Праја, главниот град на островите Зелен ’Рт, повеќе од 24 часа, бидејќи локалните власти не дозволуваат истовар на патници или транспорт на болни. Владата на оваа земја е воздржана поради стравот од ширење на вирусот меѓу локалното население. Според локалните медиуми, здравствените власти предлагаат бродот да продолжи со своето патување без пристанување.

Со оглед на тоа што бродот плови под холандско знаме, Холандија ја презеде координацијата на конзуларната помош за сите патници, без оглед на нивната националност. Постојат планови за префрлање на пациенти во Холандија, но досега локалните власти не ги издале потребните дозволи.

Компанијата потврди дека управува со „сериозна медицинска ситуација“ и нагласи дека секоја акција – без разлика дали станува збор за истоварување или медицинска евакуација, зависи исклучиво од одобрението на локалните власти, пишуваат медиумите.