Едно лице загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера, на 5 мај, попладнето на автопатот А3 кај Среданац, во правец на Брегана, во подрачјето на општина Доњи Андријевци. Според информациите на медиумите, станува збор за македонски државјанин.
Пријавата за сообраќајната несреќа ја примил Оперативно-комуникацискиот центар на Полициската управа Брод-Посавина во 14:18 часот, а се однесувала на пожар во камион во кој имало едно лице.
Според досегашните информации, камионот излетал од патот, ја пробил централната метална заштитна ограда од јужната лента и преминал на спротивната, северна лента. Притоа удрил во столбови за улично осветлување и во далновод, по што избувнал пожар. Камионот целосно изгорел, а возачот останал заробен во возилото и го загубил животот. На местото на настанот биле пронајдени регистарски таблички од Македонија.
„Возилото ја проби централната заштитна ограда од јужната лента на автопатот и заврши на северната лента, удирајќи во далновод. Сите служби за итни случаи беа испратени на местото на настанот, а ќе следи истрага која ќе ги утврди фактите и околностите поврзани со инцидентот“, соопшти полицијата од Брод-Посавина. Според неофицијални информации од локални медиуми, станува збор за постар македонски државјанин, кој починал на местото на несреќата.
Пожарникарите имале сериозни тешкотии да стигнат до запалениот камион поради густиот сообраќај и недостигот од коридор за итни случаи. Тие биле принудени да излезат од возилата и рачно да ги насочуваат возачите за да си обезбедат пристап.
Сообраќајот на автопатот бил во прекин неколку часа поради увидот и санирањето на оштетената електрична мрежа. Полицијата продолжува да работи на утврдување на идентитетот на починатиот, како и на сите околности и точната причина за несреќата.











