Диего Симеоне со голема страст и многу емоции го водеше Атлетико Мадрид во уште едно полуфинале во Лигата на шампиони, но овојпат остана на чекор од најважното скалило и не стигна до финалето.
Атлетико Мадрид загуби на „Емирејтс“ со 1:0 во еден тврд и исклучително тежок натпревар, кој на крајот кулминираше и со нервоза на двете страни.
Енергичниот Симеоне во текот на целиот меч им даваше инструкции на своите фудбалери, а додека од Атлетико бараа продолжението да се игра уште една минута, Андреа Берта со голем интензитет бараше крај на натпреварот.
Спортскиот директор на Арсенал успеа да го испровоцира Симеоне и Чоло тргна да се пресметува со него, а интересно во целата ситуација е што станува збор за негов добар познаник.
Берта долги години беше директор во Атлетико, но сега како ривал успеа да ги налути „колчонеросите“ и го разбуди бесот кај темпераментниот Чоло.







