Снајдер за полуфиналето на „Емирејтс“: Сакав да им се јавам во УЕФА за да ги тргнат играчите од теренот!

Дерби

06/05/2026

14:58

237

Големина на фонт

а а а

За разлика од спектаклот кој го понудија ПСЖ и Баерн во првото полуфинале во Лигата на шампиони, Арсенал и Атлетико Мадрид прикажаа сосема поразличен фудбал, а во двомеч во кој преовладуваше тактиката и претпазливата игра, на крајот како поуспешен испадна англискиот тим.

Арсенал по вторпат во својата историја ќе биде дел од едно финале во Лигата на шампиони, а по првиот меч во Мадрид кој заврши 1:1, вчера како решавачки се покажа голот на Букајо Сака пред крајот на првиот дел.

Во дуел на двајца тренери кои најмногу мислат на својот гол и играње на цврст фудбал, фановите не останаа премногу воодушевени од прикажаното на теренот, а од експертите во јавноста, со најдрзок коментар за виденото се јави Весли Снајдер.

– После 35 минути во Лондон, сакав да им се јавам во УЕФА за да го откажат мечот и да им се каже на играчите да го напуштат теренот. Баерн против ПСЖ треба да биде вистинското финале во Лигата на шампионите. Најискрено гледано, ова беше премногу досаден двобој.

– Ова не изгледаше како полуфинале во Лигата на шампиони. Недостасуваше интензитет, креативност и вистински квалитет во завршната третина од теренот. Се сомневам дека Арсенал ќе може да му направи проблеми на било кој од Баерн и ПСЖ во финалето. Со оглед на тоа што го видовме вечерва, очекувам лесна победа на противничкиот тим кој ќе се најде во финалето. На ова ниво во Европа, во самата завршница од ЛШ, се очекува драма и фудбал од прва класа, но ние не добивме такво нешто. Ова беше далеку од тоа, – критички порача Снајдер.