ВМРО-ДПМНЕ: СДС манипулира со инфлацијата, фактите покажуваат дека економските политики даваат резултати

Макфакс

07/05/2026

16:01

161

Големина на фонт

а а а

Очигледно е дека СДС повторно се обидува да ја манипулира јавноста преку селективно користење на статистики и ширење паника, свесно премолчувајќи го контекстот и причините за сезонските разлики во цените, притоа заборавајќи дека токму тие ја донесоа државата до економски колапс, рекордна инфлација и целосно урнат животен стандард, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за инфлацијата.

Факт е дека инфлацијата во април споредено со март изнесува 1,3%, што покажува стабилизирање на цените и постепено смирување на инфлаторните притисоци. Она што го премолчуваат СДС е тоа дека годишната стапка од 5,7% е резултат и на споредбената основа, бидејќи минатата година во овој период беа активни мерките за велигденската кошничка, кои привремено ги намалија цените на одредени производи.

ВМРО-ДПМНЕ навремено презема мерки за заштита на стандардот на граѓаните, а тие мерки беа позитивно оценети и поздравени од ММФ како одговорни и насочени кон стабилизација на економијата.

Дополнително, Владата ги намали акцизите на горивата, со што бензинот е поевтин за 2 денари, а дизелот за 4 денари, директно намалувајќи го притисокот врз трошоците на граѓаните и компаниите.

За разлика од СДС, кои оставаа кризи без решенија и ја туркаа државата во долгови без ефект, ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно, домаќински и со конкретни политики за економска стабилност и поддршка на граѓаните“, пишува во реакцијата.