Тригодишно момче во Минхен паднало од четврти кат, починало во болница

Макфакс

07/05/2026

20:37

226

Големина на фонт

а а а

Трагична несреќа се случи вчера вечерта во Минхен во која тригодишно момче го загуби животот. Тригодишното дете падна од прозорец на четвртиот кат од станбена зграда и покрај брзата интервенција на службите за итни случаи, почина неколку часа подоцна во болница, објавува „Билд“.

Службите за итни случаи добија повик околу 23:35 часот. Тешко повредено дете беше пронајдено на тротоарот пред нова зграда во градскиот кварт Нимфенбург. Спасувачите и полицијата брзо пристигнаа на местото на настанот и почнаа да се борат за животот на момчето. На лице место беше започната реанимација, по што тригодишното дете беше итно префрлено во болница. За жал, немаше помош и детето подлегна на тешките повреди два часа подоцна.

Родителите беа во друга соба, полицијата сè уште истражува

Според портпаролот на полицијата, родителите на момчето живеат одделно. „Мајката, момчето и бебето биле во посета на таткото на тригодишното дете. Според првичните информации, родителите биле во друга соба кога момчето паднало низ отворен прозорец“, изјави портпаролот.

Полицијата го предала бебето на соседите за привремена грижа, а на родителите на починатото момче им помогнала екипа за кризна интервенција. Криминалната полиција обезбедила траги во станот за да ги утврди сите околности на несреќата. Точниот редослед на настаните е сè уште нејасен и е предмет на истрага. За какви било правни последици за родителите ќе се одлучи откако ќе заврши истрагата, пренесува медиумот.