Сиљановска-Давкова: Македонската држава има насушна потреба од соработка со дијаспората

Макфакс

11/05/2026

19:14

172

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја потенцираше значајната улога на дијаспората во националниот развој на Македонија, нагласувајќи потребата од продлабочена соработка во области како бизнис, образование и култура. На традиционалниот Самит Македонија 2025 се доделија признанија на македонски иселеници кои го збогатија светот со својот придонес, а нивниот успех служи како мотив за идните генерации. Овој настан ја истакна суштината на искористувањето на домашниот човечки капитал и улогата на дијаспората во процесите на дигитализација и технолошки развој, како и поддршката за младите преку иницијативи како Охрид кампот за високотехнолошка извонредност.

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова вечерва се обрати на приемот во пресрет на дводневниот, традиционален Самит на Македонија 2025 и ги врачи признанијата за придонес на припадниците на дијаспората.

Признанието во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на националните и државни интереси и капацитети.

Претседателката истакна дека иако физички се далеку од тука, нашинците во дијаспората и натаму се врзани за татковината. Таа потсети на зборовите на Бернард Шо дека може да смените сè: идеологијата, облеката, поведението, ама татковината – не!

Таа кажа дека е горда на нашите успешни професори, лекари, инженери, научници, претприемачи и интелектуалци кои, со дисциплина и истрајност, изградиле респектабилни кариери во странство. Но, посакува и очекува постојана економска и друга соработка со нив, па и нивно, физичко присуство меѓу нас.

Осврнувајќи се на Самиотот Македонија 2025, Сиљановска-Давкова укажа на зависноста на конкурентноста на нашата економија, развојот на вештачката интелигенција и дигитализацијата, од развојот и искористувањето на сопствениот човечки потенцијал, како главен фактор на технолошките и геополитичките промени.

Претседателката им честиташе на годинешните добитници на признанието на Македонија 2025, д-р Ичак Калдерон Адижес, Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, потенцирајќи дека со нивната работа во науката, бизнисот, културата, филантропијата и поддршката на младите оставаат траен белег овде, но и ширум светот, а истовремено се и мотивација за идните генерации.

Според неа, имаме насушна потреба од соработка со дијаспората, не само во бизнисот, туку и во образованието, науката, културата и спортот.

„Дијаспората денес не е хомогена структура, туку сложен простор составен од различни генерации, но со иста љубов кон татковината. Ме охрабрува фактот што сè повеќе млади луѓе, иако родени далеку одовде, изразуваат интерес за македонскиот јазик, култура и традиција“, рече претседателката во своето обраќање.

Таа ја истакна важноста од досегашната соработка со Македонија 2025 преку проекти како Охрид кампот за високотехнолошка извонредност, којшто им овозможува на младите да стекнуваат знаење, да развиваат критичко мислење, со што ќе бидат во чекор со новите технолошки предизвици.

На настанот се обратија и Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски, член на Одборот на директори на Македонија 2025, како и Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, добитници на признанието за придонес на припадниците на дијаспората.