[ВИДЕО] Фотелји од милион форинти, соба за цигари и поглед кон Будим: Погледнете го луксузот во кој уживала десната рака на Орбан

Точка

13/05/2026

20:12

1.129

Големина на фонт

а а а

Петер Маѓар, челникот на унгарската влада, ја обиколи зградата на Кабинетот на премиерот во Будимскиот замок, за која тврди дека во претходните години служела како центар на работата на Антал Роган.

Објектот е изграден на локацијата на некогашното седиште на Црвениот крст, а Маѓар притоа изнесе низа обвинувања за начинот на кој бил користен.

„Оттука, од оваа зграда, Антал Роган управуваше со пропагандата на омраза“, изјави Маѓар, опишувајќи го ентериерот како изразит пример за луксуз финансиран со јавни пари. Особено го истакна скапиот мебел, просторијата за пушење цигари, уметничките дела, видиковецот и историскиот стил на уредување.

„Шокантен луксуз – фотелји од милион форинти, соба за цигари, видиковец, уметнички дела, историцизам“, рече тој, додавајќи дека станува збор за инвестиција вредна околу 100 милијарди форинти, реализирана „во време на економска криза и рекордна инфлација, со пари на даночните обврзници“.

За време на обиколката Маѓар бил во придружба на полицијата и неколку идни министри и соработници на партијата Тиса, меѓу кои Давид Витези, Балинт Руф, Анита Орбан, Габор Пошфаи, поранешниот шеф на кампањата Петер Тот и Ѓерѓ Велкеј.

Делегацијата ги обиколи и канцелариите на Антал Роган и на шефот на кабинетот Адам Наѓ, при што Маѓар потсети на претходни политички афери. Посебно внимание предизвикаа деталите од ентериерот, меѓу кои библиотека со уметнички предмети, кружна просторија за цигари и видиковец на врвот на зградата, до кој води спирално скалило и од каде што се пружа панорамски поглед кон Будим.


Давид Витези процени дека вкупните инвестиции во комплексот на Будимскиот замок достигнале околу илјада милијарди форинти, односно речиси три милијарди евра.

Маѓар притоа го нагласи контрастот меѓу луксузните државни проекти и состојбата во јавните установи.

„Додека во болниците немаше ниту основни нешта, стотици милијарди се трошеа на вакви проекти“, рече тој, додавајќи дека е необично што во јавноста досега не биле достапни снимки од внатрешноста на зградата поради забраната за фотографирање и снимање.

„Ова зборува само за себе“, заклучи Маѓар, со напомена дека, како што рече, „би можел да употреби и потешки зборови“.

Витези притоа ја искритикувал и Управата на дворецот под раководство на Јанош Лазар, потсетувајќи на неговите претходни изјави за раскошните државни проекти. Најавено е и дека ќе биде објавено ново видео од Министерството за внатрешни работи, кое, според Маѓар, би можело да биде уште пошокантно.