„Не, не и не! Нема компромис!“: Моќниците го преколнуваат Путин да се откаже, а тој веќе крои нов план

Точка

14/05/2026

21:14

1.067

Големина на фонт

а а а

Извори запознаени со ставовите на двете страни тврдат дека Русија и Украина веруваат оти постојат многу мали изгледи за обновување на мировните преговори под покровителство на САД, дури и по завршувањето на војната на Блискиот Исток.

Рускиот лидер Владимир Путин така дополнително го пренасочил фокусот кон заземање дополнителна украинска територија со сила и имал намера уште повеќе да ги прошири своите барања откако Русија ќе ја преземе контролата врз клучниот регион Донбас, изјавиле извори за „Financial Times“.

Во меѓувреме, функционерите во Киев веруваат дека се помалку подложни на американски притисок да прифатат брзо и неповолно решение, откако во последните месеци го запреа руското напредување и нанесоа поголема штета со напади со дронови длабоко зад непријателските линии.


Изворите наведуваат дека, иако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека „секој ден сме сè поблиску“ до договор, откако посредувал во краткотрајно примирје, ниту една страна не видела голема вредност во продолжувањето на преговорите.

Додека американските функционери негираат дека некогаш се обиделе да извршат притисок врз Украина, Киев верува дека преговорите заглавиле уште во февруари, по последната рунда разговори со Русија и стана фрустриран бидејќи Вашингтон не успеал да изврши притисок врз Путин да ги ублажи своите барања, изјавиле украински функционери. „Американската страна не обезбеди никаков напредок од страна на Русија“, рекол еден украински функционер. „Сè за што можеше да се преговара веќе е преговарано“, додал тој.


Русија, од друга страна, порача дека понатамошните преговори немаат многу смисла, освен ако украинскиот претседател Володимир Зеленски не им нареди на своите единици да се повлечат од Донбас — заедничко име за источните региони Доњецк и Луганск — што е нивно старо максималистичко барање.

„За примирјето да стапи во сила и да се отвори пат кон целосни мировни преговори, Зеленски мора да им нареди на украинските вооружени сили прекин на огнот и повлекување од територијата на Донбас“ — како и од другите региони за кои Русија тврди дека ги контролира“ изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во средата.

Путин и понатаму непоколеблив

„Вистината е дека Русија и понатаму се обидува да оствари победа на бојното поле, додека истовремено останува на своите максималистички барања“, изјавил еден висок германски дипломат. „Постапките на Русија јасно ѝ противречат на каква било наводна подготвеност за преговори“, смета тој.

И Путин и Зеленски настојуваа да го задржат Трамп вклучен во мировниот процес, иако сè повеќе, како што оценува „Financial Times“, ја губат довербата во него.

„САД остануваат вклучени во дипломатскиот процес“, изјави Зеленски во понеделникот, иако „јасно е дека војната во Иран сега го привлекува најголемото внимание на Америка и на американскиот претседател“, како што додаде тој.


„Но, таму постои приоритет, како и поддршка од американскиот народ и оваа војна во Европа исто така да заврши“, додаде украинскиот претседател.

Украинските и руските функционери продолжија одделно да се среќаваат со пратениците на Трамп, неговиот близок пријател Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер, и рекоа дека тие двајца веројатно ќе ги посетат двете престолнини. Но, Путин ги отфрли неодамнешните европски понуди за посредување, како и украинските барања за самит на неутрален терен, што отвора прашања за неговата посветеност на мировниот процес.

Минатиот викенд рускиот лидер го предложи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер — човек исклучително близок лично до него и до рускиот државен бизнис — како можен европски посредник, нарекувајќи го „лидер кому му веруваме и кој не зборуваше лоши работи за нас“.

Каја Калас, шефицата на дипломатијата на Европската унија, рече дека „не би било баш мудро“ да му се дозволи на Путин да избира европски претставник, додавајќи дека блискоста на Шредер со Кремљ значи дека тој би „седел на двете страни на масата“.


Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, пак, изјави: „Категорично не ја поддржуваме таа кандидатура“.

Во меѓувреме, сè поголемата ранливост на Русија на украинските напади со дронови, кои ја принудија Москва минатиот викенд да одржи значително поскромна верзија на својата годишна Парада на победата, како и бавното напредување на руските сили на бојното поле, не резултирале со разнишување на уверувањето на Путин дека украинската линија ќе се урне, наведуваат изворите.

Извор: „Се обидов да го убедам, но не се откажува“

На една од ретките прес-конференции во саботата, одржана по одбележувањето на Денот на победата, Путин тврдел дека неговата војска — која првпат по речиси 20 години парадирала без оклопни возила, системи за нуклеарно вооружување и друго клучно оружје — се фокусира на „конечен пораз на непријателот“, кој според него наскоро ќе следи и покрај западната поддршка за Киев. Исто така, изразил уверување дека конфликтот се приближува кон крајот.

„Па, одлично, се согласија да помогнат и почнаа да го поттикнуваат конфликтот со Русија, кој сè уште трае. Мислам дека работата сега оди кон крај, но тоа и понатаму е сериозна работа“, тврдел тој.


Највисоките руски команданти го увериле рускиот лидер дека нивните сили можат да го заземат целиот Донбас до есен, според два извори кои се во контакт со шефот на Кремљ, тврдењата на уште двајца инсајдери запознаени со ситуацијата, како и проценката на украинската разузнавачка служба што ја споделила со „Financial Times“. Путин планира потоа да ја зголеми цената на какво било примирје со натамошна ескалација на руските територијални барања, изјавиле тројца извори.

Вадим Скибицки, заменик-шеф на украинската воена разузнавачка служба, минатиот месец за „Financial Times“ изјавил дека успехот во Донбас би му овозможил на Кремљ да постави уште пошироки територијални барања. Путин тогаш би тврдел дека Херсон и Запорожје — две региони што Русија незаконски ги анектирала во 2022 година, иако големи делови сè уште се под украинска контрола — исто така треба да ѝ бидат предадени на Русија, рекол Скибицки.

На состанокот со Трамп на Алјаска минатото лето, Путин понудил замрзнување на линијата на фронтот во тие две региони доколку бидат исполнети неговите останати барања. Според два извора кои комуницираат со него, наведува „Financial Times“, Путин станал сè повеќе опседнат со освојувањето на Донбас, и покрај тоа што приватно, во различни претходни фази од војната, изразувал подготвеност за замрзнување на конфликтот долж постојните линии на фронтот.


„Се обидував да го убедам да ја запре војната на сегашните линии на фронтот. Но тој постојано вели: ‘Не, околу ова не можам да прифатам компромис‘“, рекол еден од изворите.

Херсон и Запорожје немале исто „симболично значење“ за Путин како Крим, кој Русија го окупираше и анектираше уште во 2014 година, и Донбас, каде истата година започна долготрајна посредничка војна, додал изворот. Но, тие региони и понатаму остануваат клучен фокус на воените напори.

„Планот беше Киев и тој мора да биде освоен“

Сепак, вистински, значаен руски пробив на бојното поле и понатаму изгледа далеку. Руското напредување речиси се забавило до „нулта брзина“, додека Украина во последно време нанесува сè поголема штета на силите на Путин и на првата линија и во заднината.

„Украинската војска ги засилува ударите длабоко на непријателска територија, таргетирајќи ја руската логистика, складиштата за муниција и касарните“, изјавил Дмитро Путјата, припадник на украинските Сили за беспилотни системи, специјализирана единица за војување со дронови.

„Тие напади, заедно со ударите врз линиите за снабдување со помош на дронови, предизвикуваат нарушувања во ротацијата на војниците, како и недостиг од дронови и муниција“, додал тој.

Во споредба со Донбас, пишува „Financial Times“, заземањето на Херсон и Запорожје би било уште потешко. Најголемите градови во тие региони се наоѓаат преку реката Днепар, на територија од која силите на Путин или се повлекле или никогаш не ја држеле под контрола.

Но, вистинските амбиции на Путин веројатно и понатаму вклучуваат воспоставување доминација врз целиот украински територијален простор источно од Днепар, а можеби и пошироко — сè до Киев и клучното црноморско пристаниште Одеса — според двајца инсајдери вклучени во тајните преговори за завршување на војната.

„Нема да го заземе Запорожје, нема да го заземе Донбас, нема да го заземе Херсон. Но запомнете дека планот отсекогаш бил да се заземе Киев. Задачата е поставена и мора да биде извршена“, рекол еден од изворите. „Му велат дека Украинците се во проблеми, дека фронтот им се урива и дека останале без луѓе“, додал тој.

Путин во саботата навестил дека руските територијални амбиции би можеле да одат и подалеку од сегашните барања. Запрашан дали украинските напади со дронови значат дека Русија треба да ја прошири „безбедносната зона“ подлабоко во Украина, Путин одговорил: „Самите одговоривте на прашањето. Мора да обезбедиме никој никому да не му се заканува, и тоа е сè“, заклучил Путин.