Научниците идентификувале нов, досега непознат вид на коала која пред 28.000 години се движела низ западните делови на Австралија. Иако нејзините фосили биле пронајдени пред повеќе од еден век, сè досега истражувачите погрешно ги вбројувале во современите коали.
Пресвртот во истражувањето се случил кога Музејот на Западна Австралија на подарок добил совршено сочуван череп пронајден во пештерата Мундајн. Спелеолозите и биолозите веднаш ја забележале невообичаената анатомска карактеристика: длабоки бразди на горната вилица, веднаш под очите, какви што немаат современите коали.

Новиот вид го доби името „Phascolarctos sulcomaxilliaris“ (коала со браздеста вилица). Научниците веруваат дека браздите служеле како потпора за силните мускули на лицето, што веројатно им овозможувало да џвакаат значително потврди растенија или имала значително посилно сетило за мирис во споредба со денешните коали.
Била послаба и побрза?
Покрај специфичната глава, анализата на коските на екстремитетите покажала дека древната коала имала подолги и потенки нозе. Тоа сугерира дека била „спортски“ градена и послаба за разлика од денешните, значително полнички коали какви што ги знаеме од истокот на континентот.
Истражувањето објавено во „Royal Society Open Science“ ја открило и тажната причина за нејзиното исчезнување. Имено пред околу 28.000 години, климата во Австралија станала екстремно сува и ладна. Шумите од евкалиптус, кои се единствен извор на храна за овие животни, буквално исчезнале, намалувајќи се на пет отсто од првобитната територија. Без храна и живеалиште древната коала не успеала да преживее.

Ова откритие е доказ дека музејските збирки кријат уште многу тајни. „Со децении мислевме дека се работи за едно исто животно, бидејќи имавме само фрагменти од заби. Дури кога го добивме целиот череп, сфативме дека гледаме во целосно нов вид“, изјавил водачот на тимот Кени Травујон.
Австралија некогаш била дом за најмалку четири различни видови коали, вклучувајќи и џиновска верзија која била двојно поголема од денешната. Ова откритие фрла нова светлина на тоа како овие животни се приспособувале (или ја губеле битката) со драматичните промени на планетата.











