Метеоролозите најавуваат нестабилно време со врнежи од дожд и силен ветер во текот на продолжениот празничен викенд, со изолирана појава на невреме на повеќе места во земјата.
Времето утре променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина од 50 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h).







