Како дел од работата на меѓународен истражувачки тим научниците од државниот универзитет во Јужен Урал (СУСУ) тим развиле и тестирале нови платински соединенија кои можат успешно да го лекуваат ракот на дојка.
Според авторите на истражувањето, синтетизираните соединенија покажале висока ефикасност и намалена токсичност во споредба со вообичаено достапните комерцијални лекови, пренесе агенцијата „Риа Новости“.
И покрај напредокот во лекувањето на ракот на дојка, кој е еден од најчестите во светот, многумина пациенти доживуваат рецидив и несакани ефекти поради хемотерапијата. Според авторите на студијата, новите соединенија би можеле да ја формираат основата за развој на побезбедни и поефикасни лекови.
„За прв пат добивме соединенија кои не само што го потиснуваат растот на туморот, туку и го штитат телото од токсични ефекти. Ова отвора нови хоризонти во хемотерапијата за рак“ рекла Алена Зикова, научничка во Истражувачкиот институт за напредни материјали и технологии за заштеда на ресурси при „СУСУ“.
Научниците се фокусирале на соединението АВ1, јонски комплекс од платина (IV) со трис (хидроксиметил) амониум катјони и хексахлороплатинатни анјони. Тестовите на клеточни култури на рак на дојка покажале дека АВ1 го инхибира растот на малигните клетки двапати поефикасно од широко користениот комерцијален лек.

Како што истакнала Зикова, за разлика од конвенционалната хемотерапија базирана на платина, која често предизвикува сериозни несакани ефекти и е склона кон отпорност на тумор, платината (IV) им овозможува на научниците да создадат соединенија кои се стабилни во крвотокот, но се активираат директно во клетките на ракот.
Научниците ја тестирале новата супстанција на стаорци со рак на дојка и откриле дека АВ1 покажува силен антиоксидативен и антиинфламаторен ефект, го потиснува растот на туморот и метастазите, а исто така ја враќа митохондријалната функција на тестираните животни во нормала.“
„Дури и со долготрајна употреба, соединението не предизвикало системска токсичност, а кај тестираните животни не биле откриени проблеми со црниот дроб, бубрезите или срцето, додека нивната телесна тежина останала нормална“ нагласила Зикова.
За време на истражувањето, научниците користеле квантна хемија и компјутерско моделирање, пренесе агенцијата.
„Компјутерот помага во предвидувањето како супстанцијата ќе се однесува во телото и дали ќе се врзе за саканиот протеин, како и каква ќе биде нејзината активност и колку е безбедна. Таквите пристапи се од клучна важност за развој на лекови“, изјавил Јурица Новак, коавтор на студијата и научен соработник во Институтот Руѓер Бошковиќ од Загреб.
Доколку се покаже како успешен, развојот на овој проект би можел да стане основа за создавање на следната генерација на домашно произведени антитуморски лекови, пишува руската агенција.
Во развојот на студијата учествувале научници од „СУСУ“, Институтот „Руѓер Бошковиќ“, Универзитетот за земјоделство и технолошки науки „Сам Хигинбот“ од Индија и Универзитетот „Крал Сауд“ од Ријад.














