„BMW“ сè поинтензивно ја вклучува вештачката интелигенција во развојот на своите автомобили, а новата соработка би можела значително да ја унапреди безбедноста на идните модели.
Германскиот производител ги здружи силите со француската компанија „Mistral AI“ за да користи вештачка интелигенција при анализата на огромната база на податоци собрани за време на симулациите на судири.
Во текот на годините, „BMW“ има собрано повеќе од еден петабајт податоци за судири – што одговара на количина од 1.000 терабајти – а сега тие податоци ќе служат за тренирање специјализирани модели на вештачка интелигенција наменети за автомобилскиот инженеринг.

Повеќе од илјада терабајти податоци
Компанијата секоја недела спроведува илјадници виртуелни краш-тестови, а огромната база на податоци им овозможува на инженерите детална анализа на однесувањето на различни материјали и конструкциски решенија за време на сообраќајни несреќи.
Новите системи за вештачка интелигенција, кои „BMW“ ги нарекува „Large Industry Models“, нема да се потпираат на податоци од интернет, туку исклучиво на информации од развојот на возилата и безбедносните тестирања. Целта е да се постигнат попрецизни и побрзи симулации, како и да се забрза развојот на новите автомобили.

Вештачката интелигенција презема сè повеќе задачи
Од „BMW“ истакнуваат дека вештачката интелигенција веќе значително го забрзува развојот на софтверот и новите модели. Работите за кои претходно бил потребен цел работен ден денес можат да се завршат за само неколку минути.
„Порано ни беа потребни значително повеќе луѓе. Денес можеме да искористиме многу поголем потенцијал за ефикасност. Вештачката интелигенција ни помага исклучително многу, особено во програмирањето и развојот на софтверот“, изјави минатата година директорот за развој на „BMW“, Јоахим Пост.

Од „Mistral AI“ порачуваат дека токму индустриската вештачка интелигенција е следниот голем чекор во примената на АИ технологиите.
„Оваа соработка покажува како специјализираните модели на вештачка интелигенција можат да помогнат во решавањето на сложени инженерски предизвици, како што се симулациите на судири“, изјави главната директорка за приходи на „Mistral AI“, Маржори Јаниевич.
Од „BMW“ веруваат дека новите системи ќе овозможат побезбедни автомобили, побрз развој и помала потреба од човечки ресурси во одредени делови од процесот.










