Калињак: Македонија неоправдано е предолго во чекалната на ЕУ

Макфакс

02/06/2026

18:40

217

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со словачкиот потпретседател и министер за одбрана Роберт Калињак во Братислава, при што се осврнаа на поддршката за евроинтегративниот пат на Македонија и преговорите за членство во Европската Унија.

Во рамките на официјалната посета на Република Словачка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Братислава оствари средба со потпретседателот на Владата на Република Словачка и министер за одбрана, Роберт Калињак.

„Вицепремиерот ја реафирмираше силната словачка поддршка на македонскиот евроинтеграциски пат. Според него, ние сме неоправдано предолго во чекалната на ЕУ. Процесот на проширување, смета тој, треба да е заснован единствено на исполнувањето на Копенхашките критериуми“, соопштија од Кабинетот на претседателката.

Калињак го споделил своето позитивно искуство во соработката со македонските државни институции, изразувајќи подготвеност за натамошно унапредување во повеќе области, меѓу коишто и во одбраната.

Сиљановска-Давкова изразила задоволство од принципиелниот став на Словачка во врска со проширувањето на Унијата. Таа укажа на ирационалноста на барањата и условите од идентитетски карактер, проследени со вето.

Обајцата се согласиле дека билатералните прашања не смеат да бидат предмет на преговорите за членство во ЕУ.

Во пресрет на претстојниот Самит на НАТО во Анкара, соговорниците се осврнале на безбедносната состојба во Европа. За нив, јакнењето на партнерството во НАТО останува клучен фактор за зачувување на регионалната стабилност и европската безбедност.