Примале плата без да доаѓаат на работа, потрошени 50.000 евра за еден час за прослава: Откриени неправилности во работењето на ИЈЗ

Точка

03/06/2026

18:07

892

Големина на фонт

а а а

По објавениот извештај на Државниот завод за ревизија, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, на денешната прес-конференција обелодени серија неправилности и недоследности во работењето на институцијата во периодот пред таа да дојде на функцијата, изразувајќи надеж дека Јавното обвинителство ќе реагира за утврдените наоди.

„И мене некои работи ми изгледаа нереално штом дојдов на оваа функција, што се случувало пред јас да дојдам на позицијата“, рече Андоновска.

Таа посочи дека по преземањето на раководната функција, заедно со својот тим констатирале дека недостасуваат реагенси и дека немало соодветна евиденција за нив. Според неа, биле утврдени и случаи во кои дел од вработените примале плата без да доаѓаат на работа, додека други колеги ги евидентирале како присутни.

„Дел од луѓето примале плата, а не доаѓале на работа, колеги ги евидентирале дека доаѓаат на работно место, а тие за возврат им давале пари“, изјави Андоновска.


Таа информираше дека биле констатирани вработувања без положен административен испит, неправилни унапредувања, исплата на различни додатоци и награди, како и несоодветен начин на наградување на вработените. Според неа, во одредени случаи биле исплаќани додатоци на плата во износ од 44.000 до 88.000 денари за активности поврзани со архивска граѓа.

Андоновска наведе и дека била набавувана медицинска опрема која не била неопходна или се набавувале апарати што веќе ги поседувал Институтот, наместо опрема што навистина недостасувала. Дополнително, посочи дека фармацевтски техничар извршувал задачи на медицинска сестра или лаборант, што, според неа, го доведувало во прашање квалитетот на здравствените услуги.

Според директорката, пред нејзиното доаѓање биле склучувани договори на дело со лица кои веќе биле вработени во институцијата, а простор во сопственост на ИЈЗ бил издаден на пекара, што таа го оцени како постапување спротивно на законските прописи. Таа додаде дека биле спроведувани и јавни набавки кои не биле предвидени во годишниот план.

Андоновска изнесе и тврдења дека биле набавувани лаптопи, компјутери и мобилни телефони без соодветна евиденција за нивното задолжување, како и дека биле склучувани договори за мобилна и фиксна телефонија со повисоки износи од планираните.


„Утврдивме и дека за прослава на 100-годишнината на ИЈЗ за еден час биле потрошени 50.000 евра. Па за што за еден час може да се потрошат 50.000 евра? Понатаму, ако законот дозволува за 1.000 евра или за 62.000 денари да набавиш некакви, одредени средства што ти се потребни без распишување јавна набавка, тие над милион и нешто имаат потрошено надвор од дозволеното. Замислете, 1.000 евра дозволени, а потрошиле над 20.000 евра.

По 500.000 денари се давало за репрезентација, споредено со сега кога имаме нула репрезентација, некористење службено возило, немање службени патувања. Јас не користам мобилен телефон службен, не користам службен број. Постои евиденција – доколку се добие одреден апарат, на кого се издава апаратот, се задолжува. Постојат реверси и слично. Исплаќани се и одредени додатоци на плата незаконски, билдани, награди, active, пасивни приправности – сѐ спротивно на закон.

Месечно по 5 милиони денари се штедат сега на тоа кога се изрегулирани коефициентите, кога не се исплаќа незаконски во однос со исплатите. Во однос на мрежниот кабел од 15.000 евра, ниту знаеме каде е, ни што е, ни зошто е“, истакна Андоновска.

На крајот, директорката нагласи дека голем дел од вработените во Институтот за јавно здравје чесно и професионално си ја вршеле работата и апелираше јавноста да не ги става сите во ист кош. Таа уверува дека најголемиот дел од проблемите и неправилностите што биле затекнати во институцијата веќе се надминати.