Руперт Еверет, ѕвезда на филмовите од 90-тите, отворено проговорил за тешките последици што потрагата по холивудскиот идеал за убавина ги оставила врз неговото тело.
Актерот, кој денес има 67 години и е најпознат по улогата во романтичната комедија „My Best Friend's Wedding“ од 1997 година, открил дека поради напорните тренинзи и занемарувањето на сопственото здравје претрпел трајни оштетувања.

Кревал тегови без соодветна подготовка
Иако пред камерите изгледал беспрекорно, Еверет објаснува дека одржувањето на таквата физичка форма имало висока цена.
„Се уништив самиот себеси. Сега поради тоа сум речиси осакатен“, изјавил актерот.
Тој објаснил дека проблемите настанале поради кревање тегови без соодветна подготовка и без доволна грижа за телото.

„Никогаш не можев да се натерам да ги правам сите тие работи, како што се вежбите за истегнување, кои беа неопходни покрај кревањето тегови бидејќи тетивите стануваат сѐ позатегнати. Тоа ми беше толку здодевно. Ништо од тоа не правев. Затоа мислам дека мојот крај ќе биде поврзан со мускулно-скелетни проблеми“, продолжил тој.
Носел лажни мускули
Еверет признал дека во младоста се чувствувал како „чудовиште“, споредувајќи се со „Gollum“ на 15-годишна возраст, кога бил висок само околу метар и пол. Работите нагло се промениле кога за само три години пораснал до 193 сантиметри, за што, како што вели, не бил подготвен.
„Задникот ми беше како две коски и дупка, а нозете коскести“, се присетил тој, додавајќи дека не знаел што да прави со своето ново тело ниту како правилно да се држи.
Решението го пронашол во лажни мускули.
„Во Туфнел Парк запознав двајца геј мажи кои изработуваа боди-костуми, па ми направија лажен задник, лажни листови на нозете, лажни рамења – лажно сѐ.“

Тој открил дека овие влошки ги носел постојано, дури и пред камерите, а на режисерите никогаш не им признал дека тоа не е неговото природно тело.
Ја доживеал својата „холивудска година“
Со текот на времето, часовите поминати во теретана го замениле лажното тело и тој изградил вистински мускули, но ниту тогаш не бил целосно задоволен.
Осврнувајќи се на својот изглед во најдобрите години, Еверет рекол:
„Во еден момент изгледав прекрасно. Имав мускули. Имав сѐ.“
Но, тој период траел кратко.
„Јас тоа го нарекувам мојата холивудска година“, додал тој.
И покрај тоа, никогаш не се ослободил од чувството на несоодветност
Иако го постигнал изгледот што го посакувал, Еверет никогаш не успеал да се ослободи од чувството на несигурност што постојано го следело.

„Всушност, дури и мојата работа се сведуваше на обиди да бидам привлечен. Очигледно, тоа произлегуваше од чувството дека не сум доволно привлечен“, се присетил тој.
„Мојата суета не беше во стилот на: ‘Огледалце, огледалце, кој е најубав на светот?’. Суетата често е чувство на длабока несигурност, а не чувство дека си фантастичен“, објаснил Еверет.
Нови животни приоритети
Денес актерот води многу помирен живот. Теретаната ја заменил со прошетки со својот лабрадор, а откако во 2024 година стапил во брак со сопругот Енрике, бразилски сметководител, се откажал и од ноќниот живот и од дрогата.
„Додека сè уште одев по клубови, секогаш мислев дека ќе бидам еден од оние 75-годишници во маица со шарен tie-dye дезен на некоја рејв-забава“, признал тој.
Но додал дека тие денови се далеку зад него, бидејќи таквите работи денес „воопшто не го интересираат“.
„Всушност, речиси ништо повеќе не ме интересира. Ме интересираат честички прашина и слични работи. Можам сосема среќно да седам и само да ја набљудувам пролетта“, заклучил актерот.












