Британскиот актер Кит Харингтон отворено зборуваше за тешкиот период низ кој поминал по завршувањето на мегапопуларната серија „Game of Thrones“, откривајќи детали за својата борба со зависноста и процесот на закрепнување што потоа следувал.
Актерот, кого публиката ширум светот го познава по улогата на Џон Сноу, призна дека по завршувањето на серијата се соочил со сериозни проблеми поврзани со менталното здравје и зависноста од алкохол.
Како што истакна, славата, притисокот од јавноста и наглите животни промени оставиле длабока трага врз неговата психичка состојба.

„Поминав низ период кога бев на многу мрачно место. Не сакав луѓето да ме гледаат како некој што има проблем, но на крајот морав да си признаам самиот на себе дека ми е потребна помош“, рече Харингтон.
Актерот откри дека во 2019 година решил да побара стручна помош и поминал одредено време во рехабилитациски центар. Тогаш, како што вели, првпат сериозно се соочил со сопствените проблеми и почнал да работи на закрепнувањето.

„Првото нешто што го направив додека серијата се прикажуваше беше тоа што отидов на одвикнување. Тоа беше многу необично искуство. Одлучив да одам на одвикнување токму во времето на емитувањето на првата епизода. Бев таму шест недели, изолиран, без телефон. Морав да се отрезнам. Морав да се средам“, додаде тој.
Особено тежок бил периодот по емитувањето на последната сезона од серијата, кога морал да се соочи со фактот дека проектот што одбележал речиси цела деценија од неговиот живот дошол до својот крај.




