НБРМ: ММФ ја потврди стабилноста на банкарскиот систем

Макфакс

08/06/2026

15:20

137

Големина на фонт

а а а

Извршниот одбор на ММФ ја потврди стабилноста на банкарскиот систем на Република Северна Македонија, нагласувајќи добрите резултати во монетарната политика, капитализацијата и ликвидноста на банкарскиот сектор во услови на светски економски предизвици.

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја заврши редовната консултација со Република Северна Македонија согласно член IV од Статутот на ММФ, при што даде позитивна оцена за спроведувањето на монетарната политика и за состојбите во финансискиот систем, соопштија од НБРМ.

Во својата оцена, директорите на ММФ истакнуваат дека домашната економија се соочува со неповолни влијанија од светскиот енергетски шок, што претставува ризик за забавување на економскиот раст, истовремено зголемувајќи ги инфлациските притисоци, што наметнува натамошно внимателно водење на монетарната политика.

Извршниот одбор на ММФ искажа задоволство од модернизацијата на рамката за водење на монетарната политика и поддршка за натамошните активности за унапредување на управувањето со ликвидноста и за зајакнување на автономијата на централната банка.

Во извештајот се посочува дека девизните резерви на земјава и натаму се на соодветното ниво, што придонесува за отпорноста на економијата на надворешни шокови.

ММФ оценува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, а банкарскиот сектор е добро капитализиран и високо ликвиден. Според извештајот, стапката на адекватност на капиталот изнесува 19,4%, значително над регулаторните барања, додека учеството на нефункционалните кредити е намалено на историски најниското ниво од 1,9%. Ликвидноста и профитабилноста на банкарскиот систем и натаму се силни, со што дополнително се потврдува неговата отпорност.

Директорите на ММФ искажаа задоволство и од преземените макропрудентни мерки и укажуваат на потребата од постојано следење на ризиците поврзани со кредитниот раст и изложеноста на банките кон пазарот на недвижности. Воедно, тие препорачуваат натамошно усогласување на регулативата со европските стандарди и зајакнување на рамката за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Оцените на Извршниот одбор на ММФ претставуваат потврда за стабилноста и отпорноста на домашниот финансиски систем и за унапредувањето на рамката за водење на монетарната политика, во услови на зголемена надворешна неизвесност.