[ФОТО] Градот во кој почнува Мундијалот незапирливо тоне: Катастрофата во Мексико Сити видлива дури и од вселената

Точка

11/06/2026

17:00

622

Големина на фонт

а а а

Мексико Сити, град со околу 20 милиони жители, забрзано тоне во земјата по децении исцрпување на подземните води, а тој процес може да се види дури и од вселената.

Ова звучи како заплет од холивудски филм за катастрофа – но токму тоа се случува во Мексико Сити, главниот град на Мексико, пишува „Florida Today“.

Сателитот „NISAR“ на американската агенција НАСА и Индиската организација за истражување на вселената (ISRO), лансиран во јули 2025 година, го следи движењето на тлото во градот и покажал колку брзо тој пропаѓа. Последиците се скапи и видливи преку оштетувањата на инфраструктурата – вклучувајќи ги патиштата и градското метро.

„Мексико Сити тоне 25 центиметри годишно“

Според најновите сателитски снимки објавени од НАСА, Мексико Сити тоне речиси 25 центиметри годишно, што го прави еден од големите градови во светот кои најбрзо пропаѓаат.

Во текот на 1990-тите и 2000-тите години, поединечни делови од градот тонеле и до околу 35 центиметри годишно, наведува „AP“.

Градот и неговата поширока област, кои со повеќе од 20 милиони жители и површина од околу 7.800 квадратни километри претставуваат едно од најпространите и најгусто населените урбани подрачја во светот, се изградени на поранешно езерско дно. Многу од денешните улици во центарот некогаш биле канали, а оваа традиција продолжила и денес во руралните предградија.


Причината е подземното езеро кое останало без вода, па пропаѓањето на градот изграден на неговата површина изгледа неизбежно.

Некои делови веќе се спуштиле под нивото на исушеното езеро, а други сè уште се наоѓаат над него. Сепак, научниците тврдат дека постои сè поголем ризик од пукање на површината, што може дополнително да ја оштети инфраструктурата и да предизвика контаминација на преостанатите резерви на вода.

Градежните објекти се навалуваат на страна

Интензивното црпење на подземните води и урбанизацијата драматично го намалиле аквиферот (водоносниот слој), поради што градот тоне веќе повеќе од еден век. Тоа довело до видливо навалување на бројни историски градби, вклучувајќи ја и Метрополитенската катедрала, чија изградба започнала во 1573 година.

Намалувањето на аквиферот дополнително ја влошило хроничната криза со водоснабдувањето, за која се очекува само да се продлабочува.


„Тоа ја оштетува клучната инфраструктура на градот, како што се метрото, канализацијата, водоводната мрежа, станбените објекти и улиците. Тоа е огромен проблем“, изјави истражувачот Енрике Кабрал-Кано од Националниот автономен универзитет на Мексико.

Во некои делови од градот, како главниот аеродром и споменикот познат како Ангелот на независноста, тлото тоне во просек околу два центиметри месечно, наведува НАСА. Вкупно, тоа е околу 24 центиметри годишно, додека за помалку од еден век градот потонал повеќе од 12 метри, според Кабрал.

„Имаме една од најголемите стапки на слегнување на тлото во светот“, рече тој.

Катастрофа видлива од вселената

Мексико Сити тоне толку брзо што слегнувањето на тлото може да се забележи и од вселената. Проценките се темелат на мерењата на сателитот „NISAR“, кој може да ги следи промените на површината на Земјата во реално време. Научникот од проектот „NISAR“, Пол Розен, изјави дека овој проект, снимајќи детали на Земјата од вселената, исто така „кажува нешто за тоа што навистина се случува под површината“.

„Тоа е практично документација на сите овие промени во рамките на еден град. Можете да ја видите целосната големина на проблемот“, рече тој.


Тимот се надева дека со текот на времето ќе може уште повеќе да се фокусира на одредени области и дека еден ден ќе добие мерења на ниво на поединечни згради.

Пошироко гледано, истражувачите се надеваат дека оваа технологија ќе ја применуваат низ целиот свет за следење на природни катастрофи, промени на раседите, ефектите од климатските промени во региони како Антарктикот и многу повеќе. Розен изјави дека тоа би можело да се користи за зајакнување на системите за предупредување, овозможувајќи им на научниците, на пример, да ги известуваат владите за потребата од евакуација во случај на вулкански ерупции.

Проблем што со децении бил игнориран

За Мексико Сити, оваа технологија претставува голем чекор кон подобро разбирање на проблемот и ублажување на неговите последици, изјави Кабрал. Властите со децении главно го занемарувале овој проблем, но сè поизразената криза со водата поттикнала поголеми вложувања во истражувањата.

Снимките од сателитот „NISAR“ и податоците што доаѓаат со нив ќе бидат од клучно значење за научниците и официјалните лица додека планираат како да го решат овој проблем, пишува „AP“.

„За долгорочно да ја ублажиме состојбата, првиот чекор е едноставно да ја разбереме“, рече Кабрал.