Поради болната ќерка без двоумење се повлече на врвот на славата: На Марина на 11 месеци ѝ било откриено ретко нарушување на мозокот

Точка

15/06/2026

15:00

1.038

Големина на фонт

а а а

Тој е секако најпознат како Џои Трибијани од ненадминливиот ситком „Пријатели“, но неговата најголема улога нема врска ниту со малите, ниту со големите екрани. Кога во 2004 година стана татко, Мет Лебланк без двоумење му сврте грб на Холивуд и ѝ се посвети на ќерката Марина, која ја доби со тогашната сопруга Мелиса Мекнајт.

Љубовта меѓу двајцата актери, за жал, не траеше долго. Единствената светла точка во нивниот тригодишен брак беше девојчето на кое и двајцата толку многу му се посветија што дури ги заборавија обврските во холивудските студија. Но, Мет Лебланк, според сопственото признание, никогаш не зажалил поради тоа.


„Не можам да го заборавам моментот кога мојата ќерка го здогледа светот. Штом ја видов, се вљубив. Никогаш претходно не сум се чувствувал така“, изјавил во 2016 година за „Daily Mirror“. „Не можев да поверувам. Во истиот миг знаев дека ништо нема да ме спречи да ја сакам – дури и ако ми го искрши Ферарито“.

Но, не одело сè така совршено, барем не на почетокот. Кога имало 11 месеци, на девојчето ѝ било дијагностицирано ретко мозочно нарушување, форма на дисплазија која предизвикува повремени напади и влијае врз способноста за одење и говор. Иако со текот на времето го надминала здравствениот проблем, Мет тој период од својот живот го нарекол „мрачно време“.


И тој и неговата сопруга целосно ѝ се посветиле на ќерката, свесни дека ќе мора многу да работат со неа и да вложат бескрајно многу љубов за да ѝ обезбедат безгрижно растење и да ѝ помогнат да го фати чекорот со врсниците. Успеале. Популарниот актер никогаш не се покајал поради одлуката да ја стави кариерата на пауза во најнезгодниот момент, кога била на самиот врв.

„Секојдневните одговорности ме научија на трпение, со кое претходно не можев баш да се пофалам. Беше забавно секое утро да ѝ подготвувам појадок на Марина, да ја возам на училиште и назад, да ѝ помагам со домашните задачи... Поминувавме многу време заедно. Драгоцено време, најдрагоценото во мојот живот“.


„Со години речиси и не излегував од дома. Бев исцрпен. Повеќето актери им се јавуваат на своите агенти и прашуваат што се случува, дали има понуди, а јас на моите им велев: ‘Ве молам, изгубете го мојот број на неколку години’“.

„Мислев дека ќе доживеам нервен слом. Но, не сакав да се откажам. Лекарите забележаа дека нејзината состојба драстично се подобрува. Сè се исплатеше, Марина денес е целосно добро. Многу сме блиски, таа е најубавото нешто што ми се случило. Животот е прекраток за да се грижите само за кариерата“.

Се трудел, и сè уште се труди, да ѝ ја исполни секоја желба на Марина. Кога за својот 12-ти роденден посакала коњи и билет за концерт на Ријана, ѝ рекол само – нема проблем. Коњите се нејзина голема љубов и сè уште ги одгледува на ранчот во Санта Барбара, каде што и пораснала.


Таа е родена неколку месеци пред емитувањето на последната епизода од „Пријатели“, па не можел да ја води на снимањата, но затоа имала можност да го посети сетот на друга серија во која глумел, „Човек со план“. Поради неговите обврски, продуцентите направиле нов распоред на снимање кој му овозможувал да стигне дома пред вечерата за да биде со ќерката, чие име го истетовирал на десната рака над синџир од велосипед.

Марина има сестра Џеклин и брат Тајлер, кои Мелиса ги добила од претходна врска. Иако се развеле во 2006 година, по „блискиот контакт“ што Мет Лебланк го имал со стриптизета за време на одмор, тој и понатаму е во добри односи со постарите деца на поранешната сопруга. А дали Марина ужива гледајќи ги „Пријатели“? Дали е свесна колку нејзиниот татко бил популарен?


„Често ме прашува за тоа. Кога ќе погледне некоја епизода, следува размена во стилот: ‘Дали тоа беше вистински? Навистина ли го изеде тоа што падна на подот? Одвратно!’, се смее Мет, кој своевремено ја запознал ќерката и со принцот Хари. Неа и нејзината полусестра дури ги бакнал во образ.

‘Беа воодушевени’, открил актерот при гостувањето кај Елен Деџенерис.