Возачот на автопатот во изградба Охрид – Кичево го загубил контролата и удрил во шахта, а потоа и во работник од Кина кој извршувал работни задачи на автопатот, при што работникот се здобил со тешки телесни повреди. Возачот е уапсен и против него ќе следува пријава.
Вчера во 07:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека на автопатот во изградба Охрид – Кичево, кај село Оровник, општина Дебарца, 32-годишниот К.Ш. од село Корошишта, струшко, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и удрил во шахта, а потоа во Л.Ј.(46) од Народна Република Кина, со престој во село Извор, кој извршувал работни задачи на автопатот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Л.Ј., додека со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило, констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ Охрид.
По наредба на јавен обвинител, возачот К.Ш. е лишен од слобода, а увид извршила увидна екипа на СВР Охрид. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.







