Димитровски: Засилени хибридни напади и дезинформации доаѓаат од источниот сосед

Макфакс

16/06/2026

11:30

235

Големина на фонт

а а а

Заменик министерот Зоран Димитровски учествуваше на Советот на Европската Унија за општи работи во Луксембург каде се дискутираше за иницијативата Европски штит за демократија. Посебен фокус беше ставен на заштита од хибридни закани и дезинформациски кампањи, кои според Димитровски претставуваат сериозна закана за демократијата и безбедноста во Република Северна Македонија.

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на Советот на Европската Унија за општи работи (ГАК), кој се одржа во Луксембург. Состанокот беше посветен на иницијативата „Европски штит за демократија“, а беше организиран од Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија и Европската комисија.

На дискусијата учествуваа министри од земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство во Европската Унија, при што беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во рамките на Европскиот штит за демократија, како и придобивките од заедничките активности за зајакнување на демократската отпорност.

Во фокусот на разговорите беа прашањата поврзани со заштитата на интегритетот на информацискиот простор, зајакнувањето на демократските институции, слободните и фер избори, независните медиуми, како и зголемувањето на општествената отпорност и граѓанското учество.

Во своето обраќање, Димитровски ја поздрави иницијативата за воспоставување на Европскиот штит за демократија и Европскиот центар за демократска отпорност, оценувајќи дека тие претставуваат важен чекор во зајакнувањето на демократските институции, заштитата на изборните процеси и справувањето со странското влијание и хибридните закани.

Тој истакна дека манипулациите и странските влијанија во информацискиот простор денес претставуваат една од најсериозните закани за демократската безбедност, со потенцијал да создадат поларизација, да ја нарушат довербата во институциите и да ги поткопаат демократските процеси, особено изборите.

Димитровски посочи дека Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ и членка на НАТО, е сѐ повеќе изложена на дезинформациски кампањи, сајбер закани и координирани операции за влијание, поради што државата презема конкретни мерки за јакнење на својата отпорност. Притоа, ги истакна сите мерки и напори што ги превзема Владата во овој сектор.

“Во изминатиот период се соочуваме со засилени и сериозни дезинформациски и хибридни активности кои доаѓаат од структури и медиумски платформи поврзани со нашиот источен сосед и имаат за цел да ја поткопаат довербата во институциите, да го поткопаат нашиот идентитет и да создадат поделби во општеството”, нагласи Димитровски. Во овој контекст посочи дека остануваме цврсто посветени на добрососедските односи, меѓусебното почитување и конструктивниот дијалог, во духот на европските вредности и нашата заедничка европска иднина.

Тој ја потврди подготвеноста на нашата земја, активно да придонесува во заедничките европски напори за спречување на странско мешање и хибридни закани, во согласност со демократските вредности, човековите права, слободата на изразување и владеењето на правото.