Метежот во приморските места е актуелна тема и пред оваа сезона, а Ровињ планира радикален потег.
Во Ровињ, каде што бројот на ноќевања постојано расте, властите планираат да го ограничат бројот на апартмани, па во наредниот период не би требало да се отвораат нови.
По Барселона, Атина и Фиренца, Ровињ би можел да биде следниот град во кој нема да се отвораат нови апартмани. Барем одредено време, пренесе ХРТ.

„Сметаме дека дојде време во старото градско јадро, во текот на следните две години — благодарение на Планот за управување со дестинацијата, што ни го овозможи Законот за туризам — да воведеме мораториум на издавање решенија за категоризација, односно на апартманизација во рамките на нашето старо градско јадро“, истакнал градоначалникот на Ровињ, Емил Нимчевиќ.
Со минатогодишните речиси четири и пол милиони туристички ноќевања, Ровињ е најпосетуваниот град во Хрватска. Додека во постојните хотели и кампови се подига нивото на услугата, а нови не се градат, приватното сместување е во постојан пораст.
„Од вкупно 38.500 легла, приватното сместување сочинува 30 отсто, односно околу 11.680 легла“, истакнала Ива Дамуџија од Туристичката заедница на Ровињ.

Веќе сега во градот престојуваат 25.000 гости, а на врвот на сезоната сè е преполно, па квалитетот на услугите и квалитетот на животот на локалното население се доведуваат во прашање.
„Имаме проблеми со паркинг-местата, бидејќи туристите доаѓаат во центарот на градот и сакаат да се паркираат во центарот, а не три километри подалеку“, нагласила издавачката на сместување Ксенија Пехар.
Во Здружението за семејно сместување не се сигурни дека градскиот предлог ќе даде позитивни резултати.
„Ќе видиме каков ќе биде резултатот на терен, дали ќе донесе некакви резултати или само ќе отвори сива зона, па луѓето потоа ќе се снаоѓаат на некој друг начин“, порачала претседателката на Здружението за семејно сместување на Истра, Лорена Џон.

Изнајмувањето „на црно“ веќе сега е широко распространето, предупредуваат оние кои легално се занимаваат со оваа работа.
„Мислам дека со издавање апартмани треба да се занимава локалното население, а не луѓе на кои купувањето недвижности во Ровињ им е само инвестиција и од што локалното население нема ништо“, додала Пехар.
Планот за управување со дестинацијата моментално е на јавна расправа. Ако го усвојат Градскиот совет и надлежниот жупаниски оддел, во Ровињ во следните две години нема да има нови апартмани. Барем не легални.












