Водителот и новинар Џереми Кларксон откри дека му бил дијагностициран рак, вест што ја сподели во најновата епизода од неговата популарна серија „Фармата на Кларксон“, пишува Би-би-си.
Во епизодата, 66-годишниот Кларксон им соопштува на своите соработници Кејлеб Купер и Чарли Ирланд дека боледува од рак, оставајќи ги видно шокирани од веста.
Поранешниот водител на „Топ гир“ не откри за кој вид рак станува збор, но рече дека болеста е „агресивна“ и дека како дел од лекувањето му бил отстранет дел од простатата.
„Исчезнав пред некое време затоа што правев биопсија. Станува збор за рак и е агресивен, но е откриен навистина рано“, изјавил Кларксон.
Тој додал дека за дијагнозата знае уште од мај.
„Ветувам дека ќе бидам добро“, им рекол на своите колеги, додавајќи дека извесен период нема да може да работи со вообичаеното темпо.
Неколку часа пред објавувањето на последните две епизоди од серијата, Кларксон на Инстаграм ги предупреди своите обожаватели дека ќе бидат „тешки за гледање“.
Здравјето на Кларксон е една од темите и во петтата сезона на серијата. Таа започнува со негово признание дека во октомври 2024 година морал да се подложи на кардиолошка интервенција.
Во колумна за „Сандеј тајмс“ тогаш откри дека една од артериите што го снабдуваат срцето со крв била целосно затната, додека втората била на пат да се затне.
Лекарите му вградиле стент – мала цевка која ги отвора стеснетите или затнатите артерии и овозможува нормален проток на крв.
И покрај сериозната дијагноза, Кларксон испрати оптимистична порака, нагласувајќи дека ракот бил откриен во рана фаза и дека очекува успешно закрепнување.








