[ФОТО] Жените ги прозваа јапонските навивачи: „Ги чистите стадионите, а кој чисти дома?“

Точка

19/06/2026

15:38

619

Големина на фонт

а а а

Јапонските фудбалски навивачи со години добиваат пофалби затоа што по натпреварите на Светското првенство ги чистат трибините зад себе. Но, овој пат се најдоа во центарот на сосема поинаква расправа.

Откако се појавија фотографии од јапонски навивачи како со вреќи за отпад го обиколуваат стадионот по натпреварот, дел од јавноста ги прозва поради наводни двојни стандарди: во јавност собираат отпадоци, а дома домашните работи им ги препуштаат на сопругите.

На социјалните мрежи брзо се прошири плакат на кој е прикажан маж како собира отпадоци на стадион. Покрај него има друга илустрација од истиот маж кој дома лежи на кауч и гледа во мобилниот телефон, додека до него стои кошница полна со алишта, а сопругата мие садови.

Покрај илустрацијата стои порака дека јапонските мажи треба повеќе да се вклучуваат во домашните обврски бидејќи меѓу развиените земји поминуваат најмалку време во извршување на такви работи. Објавата на платформата „X“ собра повеќе од 60.000 допаѓања.

„Сите би го спасувале светот, а никој не би ги измил садовите“

„Сите сакаат да го спасат светот, но никој не сака да ѝ помогне на мајка си да ги измие садовите“, напиша еден корисник на „X“, повикувајќи се на познатата мисла на американскиот автор Пи Џеј О’Рурк.

Друг коментирал: „Сигурно меѓу тие навивачи што собираат отпадоци има и такви кои дома ги оставиле сопругите сами со мали деца за да можат да одат на Светското првенство“.

Јапонските мажи при дното на листата

Грижата за чистотата на јавните простори е длабоко вкоренета во јапонската култура. Меѓутоа, кога станува збор за домашните работи, статистиките покажуваат сосема поинаква слика.


Според податоците на ОЕЦД од 2021 година, Јапонките на неплатена работа, како што се готвење, чистење и грижа за домаќинството, трошат повеќе од три часа дневно. Мажите за истите работи во просек издвојуваат само 47 минути дневно.

Разликата е уште поизразена во семејствата со мали деца. Владинo истражување покажало дека жените во домаќинства со двајца вработени родители и деца помлади од шест години на домашните работи трошат повеќе од седум часа дневно, додека мажите за нив издвојуваат помалку од два часа.

„Од што би требало да се срамат?“

Дел од корисниците на социјалните мрежи се осврнаа и на фактот дека јапонските навивачи вредно ги чистат стадионите во странство, додека по некои големи настани ни јапонските јавни простори не остануваат секогаш беспрекорно чисти.

Сепак, многумина сметаат дека однесувањето на навивачите на стадионите треба да се пофали, а не да се критикува.


„Од што тука би требало да се срамат?“, напиша еден корисник. „Тоа сигурно е подобра вест отколку онаа дека Јапонците оставаат отпад зад себе каде и да дојдат“.

Трендот се шири и кај другите навивачи

Се чини дека јапонскиот пример ги инспирирал и навивачите од други земји. Неодамна на социјалните мрежи кружеа снимки од португалски навивачи кои по натпревар собираат отпадоци во големи вреќи, а многу корисници токму на Јапонците им ја припишуваат заслугата за популаризацијата на таквото однесување на стадионите.