Премиерот Христијан Мицкоски најави ново зголемување на казните за маркетите кои применуваат нефер практики и најави нова средба со претставници на маркетите и дистрибутерите. Тој исто така истакна контролата на инфлацијата и потребата од директно пријавување на некоректни практики на пазарот.
Премиерот Христијан Мицкоски најави десеткратно зголемување на казните за маркетите кои применуваат нефер трговски практики, како и нов состанок со претставниците на маркетите и дистрибутерите на почетокот на следната недела.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот упати отворен повик до компаниите, дистрибутерите, добавувачите и производителите да ги пријавуваат сите манипулации на пазарот за државата да може соодветно да интервенира.
„На почетокот на кризата имавме еден таков состанок. Сега во понеделник ќе имаме уште еден таков состанок, мислам дека е закажан за понеделник, на којшто ќе испратиме силна порака во начинот на нивното однесување на пазарот. Истовремено, и законските измени се при крај за усвојување, каде што казните се десеткратно зголемени за оние маркети коишто ќе се однесуваат нефер. Ќе ја засилиме и инспекцијата и контролите на терен за да идентификуваме ваков тип на однесување“, рече Мицкоски.
Законски измени за сузбивање на „прокси каналите“
Тој појасни дека трговците наоѓаат скриени начини за наплата на дополнителни трошоци преку трети фирми, што ја прави теренската контрола неефикасна без директни пријави.
„Се наоѓаат канали преку разноразни услуги преку трети фирми да се фактурира таканаречен ројалити, што не е фер трговско однесување. Кога ќе направите инспекција и кога ќе ги видите сметководствените книги, ќе видите дека сѐ е во ред, а преку трети и четврти прокси канали се наплаќа тој ројалити — дали производот да е полево или подесно на полицата. Тоа е веќе јавна тајна“, изјави Мицкоски, охрабрувајќи ги бизнисите да посведочат за ваквите појави.
Инфлацијата под контрола, се очекува дополнително стабилизирање
Осврнувајќи се на економската состојба, Мицкоски истакна дека Македонија во моментов се соочува со една од најниските стапки на инфлација во регионот, која се движи меѓу 4,5% и 4,7%. Романија бележи бројки близу двоцифрен износ, во Бугарија таа е над 6%, а во Грција надминува 5%. Слична е состојбата и во Косово и Хрватска, додека нешто пониска инфлација, меѓу 3% и 4%, имаат Албанија и Србија. За споредба, просекот во Европа се движи меѓу 3% и 4%.











