ДЗР со предупредување: Наплатените придонеси не се доволни за покривање на дефицитот во пензискиот систем на државата

Макфакс

23/06/2026

15:48

644

Големина на фонт

а а а

Државниот завод за ревизија утврди дека зголемените приходи од наплата на придонеси не се доволни за покривање на дефицитот во пензискиот систем во 2024 година, при што државата мора да прави големи трансфери од Буџетот. Во извештајот се посочуваат и проблеми со навременоста на уплатата на придонесите и со финансиската состојба на Фондот за здравствено осигурување.

Зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на пензиите во 2024 година, поради што се вршат трансфери од Буџетот на државата кои учествуваат со 36,71% во вкупните приходи на Фондот, покажа извештајот на Државниот завод за ревизија.

Со извршената ревизија за 2024 година изразено е неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.


Ревизија 2024

„Со спроведената ревизија ревизорите меѓу другото утврдија: Приходите од наплатен придонес за ПИО1 во 2024 година се зголемени за 14% во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71.435.601 илјади денари со учество од 61,74% во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241 илјади денари“, стои во извештајот.

Во него се истакнува дека процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, за да од 2019 година бележи тренд на намалување. „Во 2024 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 36,71% и бележи зголемување од 4,14 % во однос на 2023 година. Врз основа на податоците од матичната евиденција на Фондот со состојба декември 2024 година, бројот на осигурениците изнесува 556.294 лица додека бројот на пензионери изнесува 343.048 лица односно соодносот пензионери/осигуреници на крајот од 2024 година изнесува 1:1,63 и истиот бележи намалување во однос на 2023 година кога изнесувал 1:1,70“, пишува во извештајот.


Слабости во системот

Ревизијата, стои во извештајот, укажува на слабости во начинот на пресметката и навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб.

„Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27.02.2026 година, утврден е долг од 2.592.918 илјади денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва“, стои во извештајот.

Ревизијата утврдила и дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, иако има законска обврска за тоа.


Задолжителни уплати

„Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8.415.865 илјади денари односно 136.400.000 евра. Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот.