Петтина од светската популација е изложена на силен топлотен стрес: Загрижувачки податоци, а најзагрозениот дел од светот е веднаш до нас!

Точка

23/06/2026

21:33

331

Големина на фонт

а а а

Топлотниот стрес, кој се јавува кога организмот се обидува да ја регулира својата внатрешна температура, е во пораст ширум светот за 22 проценти, што претставува речиси една милијарда луѓе повеќе во споредба со 1970 година, покажува студија на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF).

Јужна Европа, заедно со Северна Америка и делови од Јужна Америка, претставува едно од најранливите подрачја, каде што просечниот број на епизоди на топлотен стрес во периодот од 2015 до 2024 година се зголемил на 133, со ризик од дури 50 дополнителни денови и ноќи годишно под силен топлотен стрес во споредба со 1970-тите години, пренесува „Amsa“.

Авторката на студијата Ребека Емертон и двајца италијански истражувачи го користеле Универзалниот термален климатски индекс (UTCI) за мерење на реалното чувство на топлина што го доживува човечкото тело.


Овој индекс ги опфаќа сите клучни фактори што влијаат врз топлотниот стрес, вклучувајќи ја надворешната температура, влажноста на воздухот, ветерот и УВ-зрачењето.

Анализирајќи податоци од 1950 до 2024 година, истражувачите откриле дека температурите почнале значително да растат од 1970 година наваму, додека епизодите на топлотен стрес станале поинтензивни, особено во текот на најтоплите ноќи.


Дневната температура низ годините се зголемувала во просек за 0,27 степени Целзиусови, додека ноќната температура растела уште побрзо, со просек од 0,32 степени Целзиусови.

Во резултатите од студијата се нагласува дека се неопходни итни мерки за справување со овој проблем, вклучувајќи системи за рано предупредување, подобро ладење на урбаните средини и вклучување на топлотниот стрес во проценките на климатските ризици.


Експертите предупредуваат дека без навремена реакција, последиците од сè почестите и поинтензивни топлотни бранови би можеле сериозно да влијаат врз здравјето на населението, инфраструктурата и целокупниот квалитет на живот во многу делови од светот.