Општина Крива Паланка: Обезбеден нов европски проект во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Србија

Макфакс

26/06/2026

16:10

184

Големина на фонт

а а а

Општина Крива Паланка обезбеди нов европски проект преку ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Србија, со цел подобрување на туристичката инфраструктура околу манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ и поттикнување на верскиот и културниот туризам.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес го потпиша договорот за финансирање на нов проект во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија.

Проектот ќе се реализира во партнерство со Град Лесковац, Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот округ и Народниот музеј Лесковац.

Вкупната вредност на проектот изнесува 624.753,71 евра, од кои 499.303,17 евра се грант средства обезбедени од Европската Унија. За реализација на активностите на Општина Крива Паланка се предвидени околу 200.000 евра.

Во рамките на проектот ќе се реализира доизградба на пешачката патека кон манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“, на потегот Бабин Дол. Со оваа инвестиција ќе се подобри туристичката инфраструктура, ќе се зголеми пристапноста до еден од најзначајните духовни и културно-историски локалитети во државата и ќе се создадат нови можности за развој на верскиот, културниот и активниот туризам, соопштија од општината.

По повод потпишувањето на договорот, градоначалникот Сашко Митовски истакна дека овој проект претставува уште една потврда за успешната работа на Општина Крива Паланка во подготовката и реализацијата на европски проекти, како и за нејзината лидерска позиција меѓу македонските општини во искористувањето на средствата од Европската Унија.