Студија открива: Рачниот менувач е добра вежба за мозокот

Точка

29/06/2026

07:02

488

Големина на фонт

а а а

Додека рачните менувачи постепено исчезнуваат од автомобилската индустрија, научниците откриваат причина зошто не треба целосно да се отпишат.

Додека автоматските менувачи стануваат стандард во повеќето нови автомобили, едно истражување од Јапонија покажува дека рачниот менувач можеби има неочекувана предност – може позитивно да влијае врз работата на мозокот.

Истражувањето на професорот Рјута Кавашима од Универзитетот Тохоку покажало дека возењето автомобил со рачен менувач поинтензивно го активира префронталниот кортекс, делот од мозокот задолжен за вниманието, меморијата и донесувањето одлуки, пишува „CarScoops“.


Истовременото притискање на квачило, менувањето брзини, контролата на гасот и следењето на сообраќајот претставуваат сложена задача која постојано го ангажира мозокот.

Научниците сметаат дека ваквата секојдневна ментална активност може да придонесе за зачувување на когнитивните способности, особено кај повозрасните возачи.


За разлика од тоа, возењето автомобил со автоматски менувач бара помал ангажман, па мозокот има помалку „работа“.

Сепак, автомобилите со рачен менувач стануваат сè поретки. Во Јапонија тие сочинуваат само еден до два проценти од продажбата на нови возила, а трендот на масовен премин кон автоматски менувачи е присутен и во Европа.


Повеќето нови модели денес се нудат исклучиво со автоматски менувач, додека рачните менувачи главно се резервирани за спортски автомобили и за одредени подостапни модели.

Иако ова истражување не докажува дека возењето автомобил со рачен менувач ќе го спречи намалувањето на когнитивните способности, сепак сугерира дека посложените задачи за време на возењето претставуваат дополнителна ментална стимулација што автоматските менувачи во најголем дел не ја овозможуваат.