Англија долго се мачеше со ДР Конго и покажа низа број слабости во својата игра, особено кога дел од играчите се задолжени да трчаат кон својот гол кога ќе ја загубат топката.
Африканците не искористија неколку добри полуконтри и еднаш ја погодија стативата во обид да стигнат до 2:0, па иако Англија на крајот се созема и направи пресврт благодарение на Хари Кејн, Вејн Руни ја посочи големата слабост која мора да биде коригирана за следните нокаут рунди.
– Имам големи грижи после овој натпревар. Сите сме пресреќни што Англија најде решение и помина понатаму, но мене ме загрижува тоа што тимот остава огромен простор кога ќе ја загуби топката. Против посилен тим, ќе бидеме во големи неволји во такви ситуации.
– Врската меѓу средниот ред и одбраната не е воопшто добра во фаза на одбрана, бековите страдаат, а проблеми во одбрана имаше и Мадуеке. Лошата конекција меѓу одбраната и средниот ред е нешто што посебно ме загрижува. Или Тухел ќе ја поправи таа работа, или ќе бидеме спакувани за дома во следните фази од посилен противник, – изјави Руни, кој пак не штедеше комплименти за јунакот Кејн.
– Тоа е големината на Хари. Брилијантно се движеше за првиот гол, додека вториот беше неверојатен. Тој е врвен играч, најголема англиска ѕвезда и наш јунак, – заклучи Вејн.







