Јагодите од оваа земја се најдобри: Повеќето во ЕУ содржат пестициди, а еве каде е исклучокот

Точка

08/07/2026

18:41

627

Големина на фонт

а а а

Јагодите одгледани во Шпанија се меѓу најмалку контаминираните со пестициди во целата Европска Унија, покажува студија објавена денес од организацијата „PAN Europe“, во соработка со неколку невладини организации. Истражувањето опфатило анализа на примероци од јагоди од 11 земји.

Студијата на организациите „PAN Europe“ и „Ecologistas en Acción“ покажува дека остатоци од пестициди биле пронајдени во 88 проценти од анализираните примероци на јагоди во Европа, додека тој удел бил значително помал кај примероците од Шпанија, пренесува „Euronews“.

На европско ниво, 88 проценти од анализираните јагоди содржеле остатоци од пестициди. Во 58 проценти од примероците биле откриени PFAS соединенија, познати како „вечни хемикалии“, поради нивното долготрајно задржување во човечкиот организам и животната средина. Повеќе од половината од откриените пестициди припаѓаат на групата најопасни супстанции кои сè уште се одобрени за употреба во Европската Унија, иако според прописите требало постепено да бидат повлечени од употреба уште од 2011 година.


Шпанија е значително под европскиот просек. Во истражувањето, во еден од двата анализирани примероци на конвенционално одгледувани јагоди биле пронајдени само два пестицида, при што и двата се одобрени за употреба и биле присутни во количества под законски дозволените граници.

Кога станува збор за органските јагоди, и во Шпанија и во остатокот од Европа, во ниту еден анализиран примерок не биле пронајдени остатоци од пестициди, што дополнително потврдува дека органското производство е најбезбедниот избор кога станува збор за изложеност на овие токсични супстанции.


„Не само што органските јагоди се без пестициди, туку и голем дел од конвенционално одгледуваните јагоди во Шпанија се без нивни остатоци, што покажува дека Шпанија може и треба да произведува храна без употреба на пестициди“, изјави Кристиње Гарсија, координатор на групата за токсични супстанции во организацијата „Ecologistas en Acción“.

Авторите на извештајот сметаат дека овие резултати ги оспоруваат аргументите за ублажување на правилата за употреба на пестициди и повикуваат на доследна примена на постојните прописи.