Муцунски: Одлуките од Самитот во Анкара ќе ја зајакнат НАТО Алијансата

Макфакс

09/07/2026

09:21

157

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ги оцени одлуките од Самитот на НАТО во Анкара како значаен ресурс за засилување на Алијансата и промовирање на колективната безбедност и стабилност во регионот.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку објава на социјалните мрежи се осврна на резултатите од Самитот на НАТО во Анкара, оценувајќи дека донесените одлуки дополнително ќе ја зајакнат Алијансата и ќе придонесат за унапредување на колективната безбедност.

„Пораката е јасна: НАТО испорачува резултати. Ја потврдивме заедничката определба за поголеми инвестиции во одбраната, понатамошно јакнење на одбранбените капацитети, поправедна распределба на одговорностите меѓу сојузниците и континуирана поддршка за Украина“, напиша Муцунски.

Тој информираше дека на маргините на Самитот остварил повеќе билатерални средби со колеги од земјите членки на НАТО, како и со високи претставници на земјите сојузници и партнери. Во разговорите, како што посочи, станало збор за билатералните односи, соработката во рамките на НАТО, како и за актуелните регионални и глобални безбедносни предизвици.

„Како посветен и кредибилен сојузник, продолжуваме активно да придонесуваме кон зајакнувањето на колективната безбедност, стабилноста и единството“, порача министерот Муцунски.