Евроамбасадорот Михалис Рокас изразува надеж дека политичките партии ќе постигнат консензус за измените на Изборниот законик до утре, што е клучно за реформската агенда и корист за граѓаните, додека политичките партии се сè уште во спор.
Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, се надева дека до утре политичките партии ќе се успеат да се договорат за измените на Изборниот законик неопходни за исполнување на реформската агенда. Тој денес, на промоцијата на новите возила, донација за Државниот инспекторат за транспорт не ја исклучи можноста за консензус во последен момент.
„Јас навистина се надевам на консензус, бидејќи има време уште денеска и утре, значи утре е последниот ден за постигнување на консензус. Јас навистина се надевам дека тој консензус помеѓу политичките партии ќе се постигне, имајќи предвид има информации дека политичките партии, всушност нивните координатори, се сретнуваат на дневна основа. Така што, навистина се надевам дека и овој чекор од реформската агенда, тоа се измените на Изборниот законик, ќе можат да се постигнат, затоа што се работи за 4,2 милиони евра коишто би биле искористени во бенефит или во корист на граѓаните на оваа земја. Јас навистина се надевам дека консензусот ќе може да се постигне“, рече евроамбасадорот Рокас.
И денес Рокас кажа дека процесот на проширување на Европската Унија всушност е инвестиција во безбедноста, во сигурноста, во просперитетот, како и конкурентноста на Европската Унија. Смета дека земјава, доколку ги почне преговорите за пристапување, многу брзо ќе може да ги стигне останатите четири земји вклучени во процесот иако тие многу брзо наредуваат.
Политичките партии денес, исто како и претходните денови, разменија низа ставови низ кои покажаа дека не се блиску до консензус за Изборниот законик со постојани меѓусебни обвинувања за блокади и планиран изборен грабеж со измените.











