Новиот дигитален граничен систем на Европската Унија беше осмислен за да ги внесе патувањата во 21 век. Сепак, EES не создава само долги редици, туку, очигледно, го збунуваат и идентичните близнаци.
Иако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека постојат нерешени „технички проблеми“ и дека е потребно уште многу работа, барањата за привремено суспендирање на системот беа одбиени.
Системот, кој ги заменува печатите во пасошите, беше воведен на 10 април, по четиригодишно одложување. Оттогаш патниците се жалат на доцнења, бидејќи на граничните премини мора да им се скенира лицето и да им се земаат отпечатоци од прсти, што создава големи гужви, особено во периодот на летните одмори.
Меѓутоа, долгите редици не се единствениот проблем.

Порталот „Politico“ го пренесува искуството на една своја вработена. Британка, кон крајот на мај, на аеродромот во Клуж, Романија, била испрашувана од граничната полиција при враќањето во Велика Британија. Ја обвиниле дека нелегално престојува во Шенген, бидејќи нејзиното излегување, по претходната посета на Амстердам, не било правилно евидентирано.
Имало само еден проблем: таа во април воопшто не била во Амстердам. Но, нејзината сестра, идентична близначка, била!
Жената, на која ѝ е загарантирана анонимност за да избегне идни непријатности на граница, била испрашувана околу петнаесет минути. Кога на службениците им ја спомнала својата идентична близначка, најпрво ја обвиниле дека ѝ го позајмила пасошот, што не било точно. Нејзината сестра во тоа време била во Велика Британија и никогаш не ја посетила Романија.

Двојна грешка на системот EES
Се чини дека EES ги помешал двете жени врз основа на нивните идентични црти на лицето, а веројатно и поради истото презиме, датум на раѓање и државјанство. Меѓутоа, тие имаат различни отпечатоци од прсти, различни лични имиња и, што е најважно, различни патни документи.
На крајот, на жената ѝ било дозволено да отпатува и да се врати дома.
Оваа необична ситуација би можела да биде последица на два одвоени случаи на неправилна примена на системот EES во земјите членки, смета Ниови Вавула, раководителка на Катедрата за сајбер-политика на Универзитетот во Луксембург.
Вавула, која ги советувала законодавците за техничките аспекти на EES, сугерира дека проблемот можел да настане поради неправилно евидентираното излегување на едната сестра од Амстердам, како и поради несоодветната проверка од страна на романските власти во Клуж.

„Од она што е опишано, се чини дека службениците не се доволно обучени да ги разликуваат различните постапки и дека се потпираат на фотографиите од лицето како единствен метод за идентификација. Фактот што не ги провериле податоците од пасошот во EES, ниту го земале предвид тоа дека системот е сè уште нов и има различни проблеми, укажува на таканаречена пристрасност на закотвување, кога се потпирате на првиот доказ и занемарувате сè останато“, истакна таа.
Ниту холандското Министерство за внатрешни работи, ниту романската гранична полиција веднаш не одговориле на барањата за коментар.
Портпарол на Европската комисија изјави дека институцијата не коментира поединечни случаи, но сепак додаде:

„Земјите членки се одговорни за податоците евидентирани во EES, до кои Комисијата нема пристап. При влез во шенгенскиот простор, патниците мора да ги достават своите биометриски податоци при првото преминување на надворешните граници на ЕУ, како и податоците од пасошот. Тоа овозможува посебна идентификација на секој патник“.
Тие порачаа и дека патниците кои се загрижени поради обработката на нивните податоци имаат право да побараат исправка.
„Во таков случај, можат да им се обратат на надлежните органи на земјата членка, било на граница или преку надлежните институции“, заклучи портпаролот.














