По реакциите за билбордот, поставен нов – „Грешката е исправена, Градот не плаќа ништо“, рече Ѓорѓиевски

Макфакс

19/07/2026

17:50

1.374

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одговори на реакциите за билбордот поставен на влезот во Скопје со известување дека е поставен нов знак и дека трошоците ги сноси компанијата што го изработила, истакнувајќи дека градот воопшто не плаќа ништо за корекцијата.

По бројните реакции во јавноста за билбордот на влезот во Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека е поставен нов знак, а трошоците за неговата изработка и корекција ќе ги сноси компанијата што го изработила.

Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски порача дека „кој работи и греши“, додавајќи дека го радува што, според него, најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка.

„Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми. Веќе нема заборавени маала и населби, работиме посветено и чесно во служба на граѓаните“, напиша градоначалникот.

Тој ја обвини опозицијата дека „нема ниедна сериозна тема“ и се занимава со „ниски страсти“, додавајќи дека ако „најголемиот грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат“.

Ѓорѓиевски посочи и дека претходниот знак „Добредојде во Скопје“ со години бил руиниран и не бил заменет.

„Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата-изработувач која го постави преку ЈП „Улици и патишта““, наведува градоначалникот.

Пред 48 часа на влезот во Скопје беше поставен билборд изработен со помош на вештачка интелигенција, кој предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Најголемо внимание привлече приказот на коњот Букефал со пет нозе, како и необичниот изглед на шлемот на Воинот на коњ. Дел од јавноста реагираше и на илустрацијата на верскиот објект, за кој оцени дека повеќе потсетува на храмот „Света Сава“ отколку на автентична македонска црква, како и на приказот на Скопското кале.

По критиките од граѓаните и политичките субјекти, првиот билборд беше заменет.