Овој европски град ќе ги казнува сопствениците на кучиња кои нема да ја исплакнат урината на своите миленици

Точка

24/07/2026

21:10

585

Големина на фонт

а а а

Швајцарската општина Киасо побара од сопствениците на кучиња, освен собирање на изметот на своите миленици, да ги исчистат и трагите од нивната урина.

Оние кои нема да го почитуваат новото правило, по претходно предупредување, ќе бидат казнети со 100 швајцарски франци, пренесе агенцијата „дпа“.

Проблемот е особено изразен во историската пешачка зона, каде што поради кучешката урина и топлото време се шири непријатна миризба, изјави општинскиот секретар Умберто Балзарети.

Според новата одлука, сопствениците на кучиња ќе мора веднаш да ги исплакнат со доволно количество вода местата на кои нивните миленици уринирале, за урината да се разреди, а површината да се исчисти. Во текот на првите неколку недели, сопствениците кои нема да ги почитуваат новите правила ќе добиваат само предупредување, но потоа им се закануваат парични казни од 100 франци.


„Сопствениците на кучиња се должни при прошетка на јавни површини или на места достапни за јавноста секогаш со себе да носат мало шише или друг соодветен сад со вода“, се наведува во општинската одлука.

Киасо, град со околу 7.500 жители на југот на Швајцарија, се наоѓа на границата со Италија, меѓу езерата Лугано и Комо. Во општината се регистрирани околу 500 кучиња.

Балзарети изјави дека реакциите на жителите засега се позитивни и дека општината не примила официјални поплаки. Сепак, одлуката предизвика и критики на социјалните мрежи, каде што дел од корисниците ја исмеаја новата обврска за сопствениците на кучиња.

„Дали наскоро ќе треба да го собираме и јаглеродниот диоксид што го издишуваме за да може да се складира?“, напиша еден корисник.