Тарик Прусац изврши самоубиство во казнено-поправниот завод Игман откако претходно беше обвинет за убиство на својата сопруга Елма Годињак пред нивното малолетно дете во Сараево. Мотивот за злосторството бил разводот и раздвојувањето од сопругата.
Тарик Прусац, кој се наоѓаше во притвор поради сомнение дека на 1 мај годинава ја убил сопругата Елма Годињак во сараевската населба Добриња, починал во Казнено-поправниот завод Игман, откако, според информациите на медиумите во БиХ, извршил самоубиство.
Според весникот „Аваз“, тој си го одзел животот така што од својата дуксерка направил јамка, која ја прицврстил за дел од затворскиот кревет. Наводно, го искористил моментот кога останатите тројца притвореници во ќелијата не забележале што се случува.
По извршениот увид, телото било предадено на натамошна постапка, а за случајот било известено и надлежното обвинителство.
Прусац беше приведен на 1 мај под сомнение дека со службен пиштол ја застрелал својата сопруга пред нивното малолетно дете. По злосторството го одвел детето, но по полициска потрага бил лоциран и уапсен на Башчаршија во Сараево.
Според досегашната истрага, мотив за убиството бил фактот што не можел да се помири со разводот и заминувањето на сопругата.







