[ВИДЕО] „После филмот никогаш нема да го гледам моето куче со исти очи“: Една сцена од „The Odyssey“ ги крши и најтврдите срца

Точка

27/07/2026

15:16

556

Големина на фонт

а а а

Филмот „The Odyssey“ на Кристофер Нолан за само две недели стана еден од најголемите кино-хитови на годината, но публиката по проекциите не зборува само за спектакуларните сцени и авантурите на Одисеј. Особено силен впечаток остави приказната за неговото верно куче Аргос.

Социјалните мрежи се преплавени со снимки од сопственици кои по гледањето на филмот ги прегрнуваат своите кучиња, ги носат во прегратка и ги опсипуваат со внимание. За многумина, токму средбата на Одисеј и Аргос бил најемотивниот момент во целиот филм.

Го чекал 20 години

Аргос е кучето на Одисеј, кое публиката најпрво го гледа како кутре. Кога неговиот сопственик, по Тројанската војна и долгото талкање, се враќа на Итака преправен во просјак, никој не го препознава.

Никој, освен Аргос.


Остареното и изнемоштено куче го препознава човекот кого го чекало цели 20 години. Иако повеќе нема сила ниту да стане, почнува да мавта со опашката. Одисеј му приоѓа и го гали, а Аргос умира дури откако уште еднаш го видел својот сопственик.

Едноставно снимената сцена, без непотребна драматика, кај многу гледачи предизвика солзи. Нолан дополнително ја засили нејзината емотивна сила, прикажувајќи го моментот кога Одисеј првпат го избрал Аргос меѓу кутрињата.

Нов тренд на социјалните мрежи

„Како се однесувам кон моето куче откако го гледав ‘The Odyssey’“, стои во описот на едно од виралните видеа, во кое сопственикот не престанува да го прегрнува својот миленик.

Набрзо следуваа и бројни други верзии, како и емотивни коментари од гледачите.


„Пролеав море солзи поради оваа сцена“, напиша еден корисник.

„Моето срце не беше подготвено за ова“, „Уште еден доказ за нивната лојалност и верност“ и „Кучињата навистина се магични суштества“ се само дел од реакциите.


Кучето го инспирирало Нолан

Интересно е што приказната за Аргос му била особено важна и на самиот Нолан. Режисерот дури во подоцнежните години станал сопственик на куче, а „The Odyssey“ ја опишал како „најголемата приказна за куче“.

Неговиот лабрадор Чарли бил толку значаен за создавањето на филмот што проектот за време на продукцијата го носел работниот наслов „Charlie’s Story“. Нолан признал дека токму искуството што го стекнал со својот миленик дополнително го поврзало со Аргос и неговата безусловна лојалност.