Вицепремиерот Александар Николоски најави почеток на третата фаза од железничкиот Коридор 8, која вклучува изградба на тунелот со Бугарија, со што Македонија се стреми да стане клучна транспортна раскрсница на Балканот.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека започнува реализацијата на третата секција од железничкиот Коридор 8, откако денеска беа потпишани Договорот за инвестициски грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Договорите се однесуваат на реализацијата на третата фаза од железничката делница Крива Паланка – почеток на прекуграничниот тунел со Бугарија, како дел од железничкиот Коридор 8.
„Ова е исклучително значаен ден, затоа што по речиси две години работа доаѓаме до проект кој е остварлив, реален и може да биде реализиран“, изјави Николоски.
Тој оцени дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти за државата, кој треба да придонесе Македонија да стане клучна транспортна раскрсница на Балканот.
Николоски посочи дека е постигнат договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел, кој треба да ги поврзе двете земји.
Тој им се заблагодари на европските финансиски институции за поддршката на проектот, како и на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за, како што рече, поддршката и ангажманот во изминатите две години, со кои биле создадени услови за реализација на, според него, најкомплексниот железнички проект што досега ќе го реализира државата.






