Во првата половина од 2026 година, бројот на мигранти кои по море пристигнале во Грција е намален за 34 отсто во споредба со истиот период лани, при што најголем пад е забележан кај транзитот од Турција. Министерот за поморство Кикиљас ја потенцира успешната стратегија и ангажманот на крајбрежната стража.
Бројот на мигранти кои по морски пат пристигнале во Грција е намален за 34 отсто во првата половина од 2026 година во споредба со истиот период лани, објави грчкиот министер за поморство Василис Кикиљас на социјалната мрежа Икс, пренесува „Еуроњуз“.
Од почетокот на годинава се евидентирани 15.389 пристигнувања, додека во првите шест месеци од 2025 година биле регистрирани 23.243.
Статистиката покажува значителни разлики во зависност од рутата. Најголем пад е забележан кај мигрантските текови од Турција, каде пристигнувањата се намалени за 59 отсто, додека кај рутата од Либија е регистриран пад од околу четири отсто.
Кикиљас оцени дека овие резултати се должат на планирањето на Владата, работата на Министерството за поморство и ангажманот на крајбрежната стража.
„Стратегијата што ја спроведуваме дава конкретни резултати“, порача министерот.
Тој им честиташе на припадниците на крајбрежната стража за нивниот ангажман, истакнувајќи дека покрај надзорот и заштитата на морските граници, секојдневно учествуваат и во операции за пребарување и спасување животи на море.






