[ВИДЕО] На аеродромите се чека двојно подолго: „Само Европејците би измислиле вакво ср*ње“

A1ON.MK

11/08/2026

13:11

1.002

Големина на фонт

а а а

Европската Унија во април го воведе Системот за влез и излез (EES), со кој патниците од Велика Британија и други земји надвор од ЕУ при првиот влез треба да се регистрираат преку земање отпечатоци, фотографирање и внесување лични податоци.

Туристичкиот и авионскиот сектор уште претходно предупредуваа дека системот може да предизвика големи гужви и доцнења, особено во периодот на летната сезона.

Од аеродромот во Франкфурт потврдија дека новите гранични проверки предизвикале доцнења на летовите и други нарушувања во сообраќајот.

Основачот на Qsensor, Оливер Максфилд, вели дека подолгото чекање предизвикува сè поголема загриженост кај британските и северноамериканските туристи.

Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, остро го критикуваше системот и порача дека регистрацијата треба да биде овозможена и онлајн.

„Само Европејците би измислиле вакво ср*ње“, изјави О’Лири минатиот месец пред инвеститорите.

Тој додаде дека „Рајанер“ регистрирал сериозни гужви на околу 15 аеродроми.

ЕЕС има цел да ја зголеми безбедноста на надворешните граници на ЕУ преку евидентирање на влезовите и излезите, откривање на лица кои го надминуваат дозволениот престој и помош при идентификување лица по кои трагаат надлежните органи.

Сепак, неговото воведување досега беше проследено со застои, технички проблеми и потешкотии со опремата.

Податоците од Минхен покажуваат дека најголеми гужви се создаваат кај патниците кои минуваат низ рачни проверки. Автоматските ленти главно ги користат граѓани на ЕУ, кои не подлежат на регистрација во ЕЕС.

Поради гужвите, на повеќе аеродроми во периодите на најголема оптовареност привремено се прекинува дел од проверките, меѓу кои и земањето отпечатоци.

Оваа можност требаше да престане во септември, но осум земји членки на ЕУ и Швајцарија побарале од Европската комисија рокот да биде продолжен.

Од Комисијата велат дека разговараат со земјите членки за можноста овие исклучоци да продолжат и по летната сезона.

Европската комисија тврди дека просечната регистрација во ЕЕС трае околу 70 секунди и дека во најголем број случаи влијанието врз патниците од земји надвор од ЕУ е ограничено.

Од Брисел ги истакнуваат и безбедносните придобивки од системот, преку кој досега биле евидентирани околу 160 милиони влезови и излези.

Извршниот директор на „Бритиш ервејс“, Шон Дојл, призна дека системот на некои аеродроми предизвикал проблеми, но оцени дека генерално немал значително влијание врз работењето на авиокомпанијата.

Директорот на „Изиџет“, Кентон Џарвис, ги повика аеродромите кои не ги користат дозволените исклучоци да покажат „здрав разум“.

„Не дозволувајте луѓето да стојат таму три часа“, порача Џарвис.