[ВИДЕО] Илиевска: Над 330.000 пензионери добија линеарно зголемени пензии

Макфакс

11/08/2026

14:00

416

Големина на фонт

а а а

Дијана Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека над 330.000 пензионери во Македонија добиле линеарно зголемување на пензиите од по 5.000 денари во последните две години, што е дел од ветувања за подобрување на нивниот стандард и финансиска сигурност.

Пензионерите не се највозрасните граѓани кои го заокружиле својот работен век, туку тие се најзаслужната категорија на граѓани кои со својата пот и неуморна работа ја граделе државата. Имајќи го ова предвид, уште во опозиција се обврзавме дека нема пензионерите повеќе да бидат заборавени, ниту да живеат на маргините на општеството, туку ќе добијат вистинската грижа од државата за безгрижни пензионерски денови, изјави Дијана Илиевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ветивме дека секој еден пензионер, односно над 330.000 пензионери, без разлика на износот на пензијата, во својот домашен буџет ќе добие линеарно зголемување од 5.000 денари. За само две години од мандатот успеавме да го исполниме ова ветување, со што пензиите на сите пензионери се зголемија линеарно за 7.000 денари“, рече таа.

Со ова линеарно покачување, додаде Илиевска, ги заштитивме оние со најниски примања, но истовремено дадовме заслужено зголемување за сите кои со децении го градеа ова општество.

„Така, најниската пензија, која порано за жал не беше доволна ниту за основните животни потреби, благодарение на исполнетото ветување на Владата, се зголеми и сега изнесува 18.192 денари. Додека, пак, просечната пензија достигна историски највисоко ниво и денес изнесува околу 28.120 денари“, рече Илиевска.