Срамот наречен „Хапоел Бер Шева“ предизвика вистинска бура во Белград од вторникот вечерта, а после бурните случувања во среда напладне кога беше прифатена неотповикливата оставка на Дејан Станковиќ, генералниот директор Звездан Терзиќ најави и предвремени избори во клубот на крајот од годината.
Најважниот функционер во клубот се обрати пред новинарите и им порача дека Звезда ќе го бира новиот тренер од три потенцијални кандидати, но доцна во средата вечерта, пристигна информација дека Звезда го договорил наследникот на Станковиќ за помалку од 24 часа.
Конечниот избор паднал на Алберт Риера, ценетиот шпански стручњак кој оствари извонредни резултати со Целје на овие простори, а кој изминатава сезона имаше кратка и неуспешна етапа во Ајнтрахт Франкфурт.
Риера беше на листата потенцијални тренери за Звезда и минатата зима, но тогаш управата на клубот му се довери на Станковиќ, па по се изгледа, вториот контакт меѓу двете страни сега ќе донесе и заедничка соработка.
Како што јавуваат угледните српски медиуми, официјалната информација ќе биде потврдена во текот на денешниот ден, па така Звезда навреме ќе го испочитува и рокот на УЕФА за пријава на нов тренер пред двомечот со Викторија Плзен во бараж колото за влез во Лига Европа.








