МВР тргна по профилите што ширеа паника за водата во Скопје: Лица веќе се повикуваат на разговор

Точка

13/08/2026

13:03

733

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи презема мерки за идентификување на лицата кои преку социјалните мрежи ширеле информации дека водата за пиење во Скопје е небезбедна поради наводно присуство на бактеријата ешерихија коли.

Од МВР информираат дека Секторот за компјутерски криминал ги утврдува профилите од кои биле објавувани ваквите тврдења, а дел од лицата се повикуваат на информативен разговор.

„Се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“, соопштија од МВР за МИА.

Засега нема информации колку лица се повикани на разговор, ниту дали против некого е поведена постапка.


Тврдењата дека во скопскиот водовод е откриена ешерихија коли вчера брзо се проширија на социјалните мрежи и предизвикаа загриженост кај граѓаните. Информациите беа демантирани од ЈП „Водовод и канализација“, Министерството за здравство и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Од „Водовод и канализација“ беа објавени и резултати од дополнителни анализи, според кои во земените примероци не било утврдено присуство на ешерихија коли. Од претпријатието соопштија дека водата е исправна и безбедна за пиење и употреба.

Ѓорѓиевски на прес-конференција исто така ги отфрли тврдењата за контаминација и порача дека нема опасност за граѓаните.


„Не постои ништо такво и одговорно тврдам дека имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. Стојам зад тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен“, изјави Ѓорѓиевски.

Според градоначалникот, станува збор за злонамерни дезинформации со кои се предизвикува паника. Тој изјави дека претходно добил информации дека се подготвува ширење страв поврзан со депонија која се наоѓа на околу 30 километри од изворот Рашче.

Ѓорѓиевски посочи дека депонијата постои околу 30 години и дека во моментов се расчистува од ЈП „Водовод и канализација“ и други надлежни служби.


Откако биле демантирани тврдењата дека депонијата претставува опасност за водата, на социјалните мрежи се појавиле нови објави во кои се тврдеше дека во водата има бактерии.

МВР продолжува со истражните дејствија и најавува дека дополнителни информации ќе бидат соопштени по нивното завршување.