Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информира за текот на гаснењето на пожарот на Жеден со помош на три „ер трактори“ поради потешкотиите на теренот и изрази благодарност кон пилотите кои пожртвувано дејствуваат.
Врз пожарот на Жеден, во Општина Јажинце, денеска дејствуваат трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, информираше директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Во видеоизјава од самото место, Ангелов информира дека пожарот е пламнат на исклучително стрмен терен со густи грмушки, низ кои движењето е тешко.
-Од тие причини пожарникарите не може да дејствуваат, затоа денес работат трите „Ер трактори“ со концентрирано дејство на неколку точки, каде што имаме намера да го пресечеме и да не дозволиме негово ширење. На тој начин ќе воспоставиме делумна контрола, а можеме до крајот на денот и целосна контрола на овој тежок за гаснење пожар – изјави Ангелов.
Ангелов, исто така, изрази голема благодарност до тројцата многу храбри пилоти на ДЗС, кои, како што нагласи, секојдневно се на работа и пожртвувано летаат ниско над пожарите со намера да ги изгаснат и на тој начин да им помогнат на македонските граѓани.








