Чешкиот премиер мораше јавно да се извини откако берел цвеќе во парк: „Ќе платам и казна ако е потребно“

Точка

18/08/2026

19:11

1.206

Големина на фонт

а а а

Чешкиот премиер Андреј Бабиш се извини поради берењето цвеќе во заштитено подрачје на планината Лиса Хора, во источниот дел на Чешка, велејќи дека ќе плати казна доколку е потребно.

Бабиш во видеото објавено на Фејсбук рече дека набрал цвеќе присетувајќи се на починатиот колега од неговото движење АНО, со кого претходно се искачувал на оваа планина.


„Можеби прекршив некој закон, поради што се извинувам и сигурно ќе платам казна ако е потребно, се разбира“, рече тој.

Снимката од саботното искачување, објавена на страницата на Бабиш на Фејсбук, го прикажува премиерот како се искачува со мал букет цвеќе, пред да го положи кај споменикот на врвот.


На Бабиш на врвот висок 1324 метри, највисоката точка на Моравско-шлеските Бескиди, му се придружија двајца министри, политичари од АНО и симпатизери.

Експерт за заштита на животната средина, кој работи за организација под надзор на чешкото Министерство за животна средина, за локалниот портал „iDNES“ изјави дека Бабиш набрал два сосема вообичаени вида растенија и дека е малку веројатно дека ќе биде казнет.

„Тоа е сосема вообичаено цвеќе. Апсолутно никаков проблем, дури ни во национален парк“, изјави овој експерт.